Рускиот авион бил мета, малезискиот го урнале по грешка!?

Лидерот на украинската разузнавачка служба, Валентин Наливајченко има нова теорија за падот на „Боингот 777“ над Украина, а според која проруските активисти на истокот од земјата имале план да срушат руски авион, но наместо него го погодиле малезискиот со 298 луѓе.

Наливајченко тврди дека намерата на сепаратистите била да соборат летало на Руската Федерација за да се разбесни Владимир Путин и да изврши воена инвазија врз Украина, која во тој случај би се сметала за главен виновник за трагедијата.

„Планот бил ракетниот систем „Бук“, кој го користи и украинската војска, тајно да се доведе до селото Первомајско, западно од Доњецк, на територија контролирана од Киев. Но, сепаратистите се збуниле и системот го однеле во истоименото село источно од Доњецк, кое е пак под контрола на бунтовниците. Да го оделе „Букот“ на правилната локација ќе го погоделе авионот на „Аерофлотов“ која патувал од Москва на Кипар. Во тој случај леталото ќе паднело на територија контролирана од Киев и би погинале руски туристи. Тоа потполно би го разбеснело Путин“, вели шефот на разузнавачката служба.

Драмата на истокот на Украина не престанува. Во текот на вчерашниот ден во артилериски напад, убиено е едно лице, а десетина се ранети.