Рускиот квартет „Јанкелевич“ и пијанистот Марко Чампи на „Охридско лето“

Рускиот гудачки квартет „Јанкелевич“ со италијанскиот пијанист Марко Чампи вечерва на „Охридско лето“.

Триесет и вториот ден од годинешното издание на „Охридско лето“ резервиран за целовечерниот концерт на познатиот руски гудачки квартет „Јанкелевич“, заедно со истакнатиот италијански пијанист Марко Чампи. Како што истакна селекторката на музичкиот дел од програмата на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска, токму камерните ансамбли заземаат посебно место на фестивалот.

– Особено задоволство ни претставува што оваа година имаме можност да слушнеме еден извонреден гудачки квартет кој доаѓа од Русија. Квартетот „Јанкелевич“ досега учествувал на голем број фестивали во светот, а добитник е и на голем број награди на национални и интернационални натпревари. Оваа вечер, музичарите ќе исполнат дела од најзначајните композитори кои пишувале за камерни состави, а ќе ја претстават и несекојдневната верзија на концертот од Моцарт во преработка за гудачки квартет. Солистичката делница ќе ја изведе еминентниот италијански пијанист Марко Чампи, изјави таа.

Московскиот гудачки квартет „Јанкелевич“ е основан на Московскиот конзерваториум во 2006 година. Учествувал на бројни фестивали и соработувал со повеќе реномирани музичари, а добитник е и на повеќе награди.
Марко Чампи моментално е уметнички директор на Музичката академија во Формија (Италија). Концертот ќе се одржи во атриумот на црквата „Света Софија”, со почеток од 21 часот. На програмата се дела од Лудвиг ван Бетовен, Волфганг Амадеус Моцарт и Дмитри Шостакович.