Свет

Рускиот вице-премиер Рогозин на „црна листа“ во Црна Гора

Рускиот вице-премиер Рогозин на „црна листа“ во Црна Гора
Рускиот вице-премиер Рогозин на „црна листа“ во Црна Гора

Потпретседателот на руската Влада и еден од најблиските соработници на претседателот на Русија Владимир Путин, Дмитриј Рогозин се наоѓа на листата на руски државјани на кои не им е дозволен влез на територијата на Црна Гора, објави подгоричкиот весник „Побједа“.

Претставник на црногорското Министерство за надворешни работи и европски интеграции за „Побједа“ изјавил дека Рогозин „се наоѓа на листата руски државјани на кои врз основа на одлуките на Владата за воведување на меѓународни рестриктивни мерки, им е ограничен влезот во Црна Гора“.

Владата, како и во случајот со тајкунот Константин Малофејев, се повикува на одлуката на Советот на ЕУ од 17 март 2014 година, која е продолжувана на секои шест месеци. Последната одлука на Советот е донесена на 14 септември 2015 година и нејзиното продолжување се очекува во март годинава.

Рестриктивните мерки кои се однесуваат на Рогозин се воведени поради „активности кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина“, се наведува во изјавата на црногорското Министерство за „Побједа“.

Санкциите на ЕУ, покрај забрана за патување, подразбираат и замрзнување на сметките, но не е познато дали Рогозин има пари на сметки во банките во Црна Гора.