Руските бродови од Медитеранот ракетираа позиции на ИД во сириска Палмира (ВИДЕО)

Фрагатата „Адмирал Есен“ и подморницата „Краснодар“ со крстосувачките ракети од типот „Калибар“ нападнаа објекти на терористичката организација Исламска држава во Сирија, соопшти во средата руското министерство за одбрана.

Цели на рускиот напади биле скриени утврдени објекти во источниот дел од градот Палмира, каде што според министерството биле концентрирани тешка воена техника и борците на споменатата џихадистичка органиазација, кои таму се префрлиле од Рака којашто е под напад од арапско-курдската коалиција.

Лансирањата на крстосувачките ракети биле изведени од источниот дел на Средоземното Море, и сите четири проектили успшено ги погодиле означените цели, се додава во соопштението. Се истакнува дека подморницата „Краснодар“ извела подводно лансирање на ракетите.

Руската страна, исто така, информира дека за овие ракетни удари биле информирани камандите на САД, Турција и Израел. Во вторникот министерот за одбрана Сергеј Шојгу го информирал рускиот претседател Владимир Путин за успешното лансирање, се додава во соопштението.

Засега нема процена на загубите кои им се нанесени на силите на Исламската држава. Пред четири дена руското министерство за одбрана објави дека на 25 мај руската авијација во Сирија нападнала колона на џихдистите коишто исто така се движеле од Рака кон Палмира и оти притоа биле уништени 39 пикап возила со тешки митралези и убиени околу 120 милитанти.

Последниот пат руските бродови ги нападнаа со крстосувачки ракети позициите на Исламската држава во ноември минатата година. Тогаш ударот врз терористичките борци беше насочен во покраините Идлиб и Хомс а го изведе фрегатата „Адмирал Григорович“.