Руските истражни органи откриле американска програма за кибер шпионажа во 30 земји

Американската агенција за национална безбедност (НСА) смислила начин како да сокрие шпионски софтвер длабоко во хард дисковите произведени од серија врвни софтверски компании, вклучувајќи ги „Вестерн Диџитал (Western Digital), „Сигејт“ (Seagate) и „Тошиба“ (Toshiba), пренесоа британските медиуми, повикувајќи се на руски истражни органи.

Ова на НСА и овозможило да ги шпионира повеќето компјутери низ светот.

Програмата е една од неколкуте западни операции за кибер шпионажа, откриени од антивирусната лабораторија Касперски, сместена во Москва.

Касперски ја информира јавноста дека во 30 држави открила персонални компјутери, на кои била инсталирана една или повеќе шпионски програми. Најмногу заразени компјутери биле најдени во Иран, потоа во Русија, Пакистан, Авганистан, Кина, Мали, Сирија, Јемен и Алжир.

Цел на кибер шпионажата биле државни и воени институции, телекомуникациски и енергетски компании, банки, нуклеарни истражувачи, медиуми и исламски активисти.

Од Касперски одбиваат јавно да ја посочат земјата што е поврзана со компанијата за кибер шпионажа. Од руската лабораторија, сепак, посочија дека таа е тесно поврзана со вирусот „Стикснет“ (Stuxnet), што го користи НСА за напади врз ирански објект за збогатување ураниум.

Поранешен припадник на американската разузнавачка агенција за британските медиуми признал дека анализата на Касперски е точна.

Портпаролката на НСА одби да даде коментар за наводите на Касперски.

Од Касперски вчера ги објавија техничките детали за своето истражување.

Ова откритие може дополнително да им наштети на разузнавачките капацитети на НСА, која веќе сериозно настрада откако поранешниот соработник на агенцијата Едвард Сноуден откри серија нејзини програми за следење.