Сабела го исполни даденото ветување

Искусниот аргентински стручњак, Алехандро Сабела го исполни даденото ветување дека ќе си замине од селекторската функција по завршувањето на Мундијалот во Бразил.

Последниот предводник на “гаучосите” откри дека ја нема потребната сила за да остане во селекторската фотеља и додаде дека му е многу жал што Аргентина доживеа минимален пораз во финалниот натпревар од Светско првенство во Бразил.

“Понекогаш се чувствувате испразнети и немате сили за да дадете 100% од себе. Затоа се повлекувам, знам дека во секој момент го давав максимумот и жал ми е што на крајот не успеавме да ја освоиме светската титула, а бевме така блиску“, изјави Сабела.

Според аргентинските медиуми, селекторската фотеља веќе им е понудена на актуелниот предводник на Колумбија, Хозе Пекерман и на поранешниот предводник на каталонскиот гигант Барселона, Херардо Тата Мартино.