САД: 150 лица уапсени на протестите против полициското насилство

Повеќе од 150 демонстранти се уапсени во Калифорнија за време на серијата протести кои се одржуваат поради употребата на прекумерна сила од страна на полицијата врз луѓе од малцинските заедници, објави МИА.

Во Њујорк на протестите им се приклучиле и кошаркарски ѕвезди, кои носеле маици со натпис „Не можам да дишам“, кои биле последните зборови на црномурестиот Ерик Гарнер, кој почина во јули при употреба врз него на прекумерна сила од страна на полицијата.

Голем број луѓе секојдневно протестираат во неколку големи американски градови, откако минатата недела е донесена судска одлука за ослободување од кривична одговорност на бел полицаец околу смртта на Гарнер.

Овој случај, заедно со застрелувањето на друг Афроамериканец, Мајкл Браун од полицијата во градот Фергусон во август, станаа причина за зголемување на тензиите меѓу полицијата и Афроамериканци и повторно разгорување на националните дебати за расна дискриминација.

Стотици граѓани го блокираа главниот пат во Бруклин, во близина на Сан Франциско. Демонстрантите фрлаа камења и други предмети кон полицијата. Уапсени биле над 150 лица. Претходно десетици демонстранти го спречиле железничкиот сообраќај во градот откако легнале на шините.

Околу 200 луѓе се собрале во центарот на Феникс поради убиство на друг невооружен Афроамериканец, кој бил смртоносно застрелан од бел полицаец.