САД дава 45 милиони долари за пронаоѓање на осум лидери на Ал каеда

САД нудат 45 милиони долари награди за наоѓање на осум лидери на терористички организации, меѓу кои е и шефот на групата „Ал каеда на Арапскиот полуостров“, објави МИА.

Стејт департментот е подготвен да плати десет милиони долари за секоја информација, која ќе доведе до утврдување на местоположбата на шефот на таа група Насер ал Вахиши и за седум други лидери на вооружената група, се наведува во коминике на програмата „Награди за правда“, на Стејт департментот.

Вахиши беше назначен во 2013 година за заменик лидер на мрежата Ал каеда, Ајман ал Завахири.

Вашингтон тврди дека групата се обидела да разнесе авион на американски авиопревозник на 25 декември 2009 година, дека стои зад самоубиствен напад извршен во мај 2012 во јеменската престолнина Сана, во кој загинаа над сто лица, и е причина во 2013 година да бидат времено затворени дваесетина американски амбасади во регионот.

„Ал каеда на Арапскиот полуостров“ го злоупотребува слабеењето на централната власт во Јемен поради бунтот против поранешниот претседател Али Абдула Салех.

Програмата „Награди за правда“ е создадена во 1984 година по нападите од 1983 година во Бејрут и Кувајт. Досега за таа цел се исплатени 125 милиони долари на 80 информатори, чии искази довеле до апсења или убиства на десетици лица, прогласени за терористи од Стејт департментот.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.