САД декласифицираа сведоштво на агент на КГБ за убиството на Кенеди

Националниот архив на САД, на својата интернет страница, објави документи во врска со убиството на 35-от американски претседател Џон Фицџералд Кенеди, меѓу кои е и сведочењето на поранешниот агент на советската тајна служба КГБ, Јуриј Носенко, за главниот осомничен во овој атентат Ли Харви Освалд

Вкупно се објавени 3.800 документи, од кои повеќе од 400 биле досега целосно затворени, а уште 3.300 биле објавувани делумно или во редактирана форма. Покрај тоа, овозможен е пристап и до 17 аудоснимки со советскиот агент Јуриј Носенко, кој пребегнал во САД по атентатот на Кенеди.

„Носенко тврдел дека во периодот кога тој бил офицер на КГБ го водел случајот на Ли Харви Освалд, иако тогаш живеел во СССР“, се наведува во соопштението на архивот.

Пристапот до овие документи претходно беше забранет во согласност со законот кој американскиот Конгрес го донесе во 1992 година. Нормативниот акт ги обврзува сите федерални агенции да ги предадат во Националниот архив документите кои се однесуваат на истрагата за атентатот на Џон Кенеди.

Кенеди е застрелан на 22 ноември 1963 година за време на посетата на тексашкиот град Далас. Според официјалната верзија, убиството го извршил снајперистот Ли Харви Освалд кој делувал сам. Сепак, досега не престануваат спорењата, верзиите и истрагите за тоа кој го наредил атентатот и кој навистина го убил Кенеди.
Носенко бил син на советски министер за бродоградба, а дипломирал на Московскиот државен универзитет и добил служба во органите на државната безбедност на тогашниот СССР. Во 1964 година пребегнал во САД и поради неговото предавство многу надворешни агенти на КГБ биле принудени да се вратата од странство или целосно да се притаат и да исчезнат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.