САД донираше опрема за Царинската управа и Граничната полиција

Амбасадата на САД донираше опрема од 212 илјади американски долари за потребите на Царинската управа и Граничната полиција на Република Македонија, пренесува МИА.

Опремата се состои од софистициран рачен ренген скенер вреден 50 илјади долари, детектори за радијација, опрема за попречување нелегални активности, рачни светилки, лисици, литиумски батерии и термална камера за надзор која ќе им помогне на царинските и полициските служби во спречувањето и откривањето на недозволената трговија со стока. Апаратите се обезбедени преку Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност (EXBS).

– Опремата ќе го зголеми капацитетот на двете гранични служби на повеќе начини меѓу кои се спроведувањето на надзор долж границата, патролирање и попречување на незаконски активности, борбата против прекуграничниот криминал и тероризам, откривање радијација, идентификација на оружје за масовно унитшување, истакна заменик шефот на мисијата на САД, Барт Путни на денешното примопредавање на граничниот премин Блаце.

Директорката на Царинската управа Наташа Радеска – Крстевска заблагодарувајќи се за донацијата рече дека инвестициите во софистицирана и модерна опрема се од примарно значење за пограничните служби.

– Во борбата против нелегалните активности царинските службеници мора да користат софистицирана опрема за да обезбедат подобри резултати во работењето. Инвестициите во софистицирана и модерна опрема се од примарно значење како за засилување на оперативните и институционалните капацотети на царинската служба и достигнување повисоко ниво на квалитет и ефикасно работење во спречување и откривање на недозволената трговија со стока, така и за унапредување на истражните и разузнавачките делувања и поуспешни спроведување на законите, истакна Радеска – Крстевска.

Според помошник директорот на Секторот за гранични работи и миграции Маринко Кочовски, донацијата претставува продолжување на досегашната соработка со Програмата EXBS и со неа ќе овозможи ефикасна контрола на државната граница на Република Македонија.

Преку Програмата EXBS досега во Македонија се донирани над седум милиони американски долари во опрема и обуки.