САД ги бранат изјавите на својот амбасадор во Берлин за поддршката на европските конзервативци

Американскиот Стејт департмент застана во одбрана на изјавите на новиот американски амбасадор во Германија, Ричард Гренел, коишто предизвикаа осуди од сите страни на политичкиот спектар во земјата, истакнувајќи дека американските амбасадори „имаат право да го изразуваат своето мислење“.

„Немаме ли ние како Американци право на слобода на говорот?“, рече портпаролката на американското министерство за надворешни работи Хетер Науерт одговарајќи на новинарско прашање за коментарите на американскиот амбасадор Ричард Гренел во интервјуто од минатиот викенд за изданието Breitbart News.

Гренел, кој е поранешен портпарол на мисијата на САД во Обединетите нации и цврст приврзаник на претседателот Доналд Трамп, за споменатиот портал рече дека сака „да ги зајакне европските конзервативци коишто штотуку се будат од тивкото мнозинство“.

Со тоа алудираше на изборите на коишто неочекуван скок доживеаја конзервативните партии во Унгарија, Германија, Австрија и Италија, а коишто, како што рече Гренел, покажаа „јакнење на конзервативните политики поради неуспешните политики на левицата“.

Новиот американски амбасадор во Германија, Ричард Гренел, во првата седмица од мај само неколку часа по преземањето на должноста ја разбранува тамошната политичка сцена со својата препорака за германските компании да ги прекинат тргувањата со Иран изречена веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД се повлекуваат од меѓународниот нуклеарен договор.

Последните изјави на амбасадорот предизвикаа критики од страна на германските политичари, вклучително и предупредувања дека не смее да се меша во внатрешната политика на земјата домаќин. Германија од американската администрација побара појаснување за овие изјави, а се очекува дека ова прашање ќе биде поставено и кога Гренел во среда првпат ќе дојде во својата прва официјална посета на министерството за надворешни работи во Берлин.

На прашањето дали политиката на Стејт департментот е американските амбаадори да застапуваат одредени политички партии, портпаролката Науерт одговори: „Амбасадорите имаат право да го изразуваат своето мислење. Тие се претставници на Белата куќа, било да станува збор за оваа или за некоја друга админситрација“.

Науерт забележа дека во коментарот објавен на Twitter по критиките за неговот интервју, Гренел демантираше дека поддржува кој и да е политички кандидат или партија. „Амабасодорт Гренел само нагласи дека некои партии и кандидати во Европа во моментов постигнуваат успеси“, рече Науерт.

Меѓутоа, во истиот твит Гренел напиша и тоа дека стои зад своиге коментари дека „сме сведоци на будењето на тивкото мнозинство – оние коишто ги отфрлаат елитите и нивните заштитни обвивки. Под водството на Трамп“.

Но германските, па и европските политичари кои му забележуваат на Гренел за неговите изјави, досега никогаш немаат реагирано за изјавите како на американските така и на западноевропските амбасадори особено во источна Европа без разлика дали станува збор за членки на ЕУ или не, во кои редовно ги коментираат внатрешните политички состојби.