САД ги предупредија своите државјани на Косово на можен тероризам

Американската амбасада во Приштина ги предупреди американските државјани кои престојуваат на Kосово да бидат внимателни во текот на велигденските празници, на големите собири и манифестации „поради закани од можни терористички акции“, пренесува во петокот Радио-телевизија Србија повикувајќи на се дипломатската мисија.

Како што пренесува РТС, косовската полиција е ставена во состојба на дополнителна готовност, а предупредувањето за американските државјани може да се однесува и за другите граѓани на Косово, па се препорачува да се избегнуваат масовни собири и голема претпазливост во текот на јавните собири имајќи предвид дека годинава и православните и католичките верници истовремено го слават Велигден.

Во извештајот се истакнува дека терористите во регионот имале од претходно планови да нападнат чувствителни цели, вклучително и цркви, отворени јавни простори, спортски терени и јавни собири, па поради тоа амбасадата на САД ги повикала своите државјани да го преиспитаат своето движење за да ја сочуваат личната безбедност.

„Вакви предупредувања за американските државјани имаше и порано во пресрет на верските и други празници, но вниманието го привлекува и одлуката на врвот на косовската полиција сите нејзини припадници да ги прекинат одморите и да се вратат на служба, и тоа со 12-часовно време“, се истакнува во извештајот на РТС, и се додава дека дополнителното ангажирање на косовските полицајци ќе трае до следната одлука на полицијата.

Челници на косовската полиција без дополнителни појаснувања рекле дека „полицијата е обврзана врз основа на своите овластувања да ги спречи опасностите по јавноста и да ги одржува редот и мирот“.

Косовскиот заменик министер за внатрешни работи, Милан Радојевиќ, потврдил за агенцијата Танјуг дека „косовската полиција применува посебен оперативен план“, како и дека сите припадници на тамошната полиција кои се на годишен одмор се повикани да се вратат на работните места со продолжено работно време од осум на дванаесет часови. Навел и дека полицијата за време на велигденските празници ќе биде во дополнителна подготвеност, истакнувајќи дека „веќе се преземени одредени мерки за дополнително обезбедување на манастирите на Косово“.

Косовскиот премиер Иса Мустафа одржал седмица на Советот за национална безбедност, по која според приштинските медиуми, било соопштено дека темата била безбедносната ситуација и акциите коишто ги преземаат ресорните институции „за да се заштити безбедноста и уставниот поредок“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.