САД и Македонија потпишаа писмо за согласност

Македонија е целосно подготвена да ги реализира своите аспирации за идно членство во ЕУ и НАТО, а ние тоа навистина го подржуваме, истакна денеска американскиот амбасадор Пол Волерс на потпишувањето на второ дополнување на Писмото за согласност од 2012 година за спроведување на законите меѓу владите на Република Македонија и на САД.
500dfdsfdfdsfdsff

Со Писмото за согласност, кое денеска го потпишаа Волерс и министрите за внатрешни работи и за правда, Гордана Јанкулоска и Аднан Јашари, дополнително ќе се зајакнат капацитетите на институциите за борба против криминалот и корупцијата во Македонија.

-Македонија е регионален лидер во борбата против трговијата со луѓе оценета со прво ниво, а исто така и во борбата против компјутерскиот криминал. Сакам да се заблагодарам на Македонија што ни е одличен партнер во борбата против тероризмот, истакна Волерс.

Јанкулоска истакна дека изминативе години беа одбележани со прилично динамични и интензивни реформски зафати во македонската полиција во сите сфери на нејзиното функционирање.

-Министерството за правда во изминатиот период се зафати со сериозни чекори со реформата на судството за што во тек е постапка за донесување на амандманите на Уставот на Република Македонија. Во тој дух, времето во кое се спроведуваат активностите од Писмото за согласност соодветствува со имплементацијата на новите нормативни решенија во областа на правосудството. Нивна основна цел е обезбедување соодветен пристап до правдата за граѓаните, истакна министерот за правда.

Јашари додаде дека Министерството за правда и Владата на Република Македонија ќе продолжат со активностите за натамошно јакнење на независноста на судството што ќе придонесе за почитување на владеењето на правото како еден од основните постулати на секое демократско општество.