САД и Русија добро се согласуваат, смета Трамп, а Путин би бил позадоволен со Клинтон

© РИА Новости / Сергей Гунеев

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата долга средба со рускиот претседател Владимир Путин на самитот на челниците на Г20 бил добар знак кој докажува дека двете земји можат да соработуваат по прашањата кои се од заеднички интерес, како што е прекинот на огнот во Сирија.

„Мислам дека се согласуваме многу многу добро. Ние сме извонредно моќна нуклеарна сила, но и тие се. Нема смисла да немаме некој вид односи“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во разговорот за телевизиската мрежа CBS News емитуван во средата ноќта по македонско време.

Американскиот претседател во истиот разговор ја нападна својата демократска противкандидатка на ланските претседателски избори Хилари Клинтон, тврдејќи дека рускиот претседател Владимир Путин би бил многу посреќен доколку таа би била на чело на САД, бидејќи не би издвојувала толку средства за војската колку тој.

„Од почетокот зборував дека сакаме силна војска, а тој тоа не го сака“, истакна Трамп.

Неодамнешниот прекин на огнот на југоистокот на Сирија се припишува на нивниот состанок во Хамбург.

„Прекинот на огнот се одржува веќе четири дена. Другите примирја никогаш не траеја. Тоа е затоа што го договорија претседателот Путин и претседателот Трамп, и трае“, истакна американскиот челник.

Додаде дека е потребно да се има дијалог, бидејќи во спротивно ќе се создатат „многу проблеми за нашта земја и за нивната земја“.

Подоцна во средата Трамп за агенцијата Reuters изјави дека не знаел за минатогодишниот состанок на неговиот син Доналд Трамп помладиот со руската адвокатка, додавајќи оти за тоа дознал дури пред неколку дена.

Запрашан дали знаел оти неговиот син се состанува со руската адвокатка Наталија Веселницкаја во јуни минатата година, Трамп постариот во интервјуто вели дека ништо не знаел за тоа до пред само неколку дена.

Според електронската пошта којашто ја објави во вторникот Трамп помладиот, тој се согласил да се сретне со жената за којашто му било кажано дека е адвокатка на руската влада којашто би можела да поседува информации кои можат да ѝ наштетат на Хилари Клинтон.

Во интервјуто правено во Белата куќа, Трамп вели дека не го обвинил синот поради состанокот. „Мислам дека многу луѓе би одржале таков состанок“, вели американскиот претседател.

Трамп во интервјуто за Reuters правено во средата, исто така, вели дека рускиот претседател Путин директно го запрашал дали бил вклучен во она што дел од американската разузнавачка заедница го опишува како наводно руско влијание на американската претседателска кампања, на што овој одговорил дека не бил, Додава и дека во текот на повеќечасовниот разговор со Путин минатиот петок во Германија првите 20 или 25 минути зборувале исклучиво за оваа тема.

„Реков: дали го сторивте? А тој рече: не. Апсолутно не. Потоа го прашаа по вторпат на сосема поинаков начин. Рече дека апсолутно не учествувал“, вели Трамп Reuters.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.