Свет

САД и Турција договориле заеднички механизам во Сирија, во Анкара антиамерикански протести

САД и Турција договориле заеднички механизам во Сирија, во Анкара антиамерикански протести
© REUTERS / Stringer

САД и Турција воспоставуваат „механизам“ за заедничко дејствување во Сирија изјавија шефовите на дипломатиите Рекс Тилерсон и неговиот домаќин Мевлут Чавушоглу во Анкара, каде што се сретнаа по долгиот период нарушени односи, во прв ред поради пристапот кон милицијата на сириските Курди.

Истовремено во петокот пред хотелот „Ankara Palace“, каде што се одржуваше прес-конференцијата на американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, околу 150 припадници на турската опозициска партија Татковина (Vatan) протестираа против посетата на шефот на американската дипломатија, при што полицијата на турската престолнина мораше да употреби солзавец за да ги растури демонстрантите.

Тие ги сметаат САД за одговорни за неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година и излегоа на протестот скандирајќи пароли како „Америка е убиец на нашите војници“, „Проклета да е ПКК“ (Работничката партија на Курдистан) и „Убиецу Тилерсон, заминувај од Турција“.

Преку зедничкиот механизам „приоритетно“ ќе се решава судбината на градот Манбиџ, каде што се стационирани американските војници во северна Сирија, рече Тилерсотн на прес-конференцијата. „Повеќе нема да дејствуваме одвоено… Ќе дејствуваме отсега заедно“, додаде државниот секретар, пренесуваат агенциите.

Прашањето на сирискиот пограничен град Манбиџ ги наруши односите меѓу САД и Турција, откако Анкара се закани дека врз овој град ќе биде проширена нејзината воздушна и копнена офанзива којашто турската војска ја спроведува против курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) којашто ја смета за сириска фракција на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) којашто води герилска војна во југоисточните туркски предели, а и двете земји ја ставаат на листата терористички организации. Меѓутоа, САД ја поддржуваат и вооружуваат YPG во Сирија.

Чавушогли повтори во петокот дека Турција бара безусловно повлекување на YPG од Манбиџ пред каква и да е соработка со Вашингтон по тоа прашање.

„Можеме да напредуваме со САД во целосна доверба дури откако YPG ќе се повлече (од Манбиџ). YPG мора од таму да излезе“, инсистирал Чавушоглу на разговорот со Тилерсон кој допатува во Турција во четвртокот на разговорите кои треба да ги смират тензиите меѓу двете земји сојузнички во НАТО.

„Претседателот Реџеп Тајип Ердоган јасно ги артикулираше очекувањата на Турција“ на состанокот одржан со Тилерсон во четвртокот вечерта во Анкара, повтори Чавушоглу.

Според Тилерсон, Вашингтон и Анкара споделуваат „исти цели во Сирија“, а тоа е поразот на џихадистичките групи и политичкото решение за оваа земја којашто е разорена од граѓанската војна започната во март 2011 година, а се претвори во регионален конфесионален судир и глобално безбедносно прашање.

САД ѝ го признаваат легитимното право на Турција да ги обезбеди своите граници, но уште еднаш ја повикаа Анкара на „возржаност“ во офанзивата што ја води против сириските Курди во енклавата Африн, на северозападот од Сирија, додаде Тилерсон.

Турција од 20-ти јануари ја започна офанзивата под назив „Маслиново гранче“ против курдската милиција, којашто за САД е клучен сојузник во борбата против џихадистичките групи.

Меѓутоа, покрај ставовите за YPG, САД и Турција имаат и други спорни прашања. На заедничката прес-конференција Тилерсон рече дела Вашингтон „иразува сериозна загриженост“ за локалните вработени во америкнските мисии во Турција. Покрај тоа, ја повика Анкара да ослободи американски пастор и други американски државјани кои се затворени во Турција, најмногу во врска со обвиненија за поврзаност со мрежата на имамот Фетула Ѓулен кој живее речиси две децении живее во доброволен егзил во Пенсилванија. Него Анкара го смета за одоговорен за неуспешниот пуч и од Вашингтон бара да ѝ го предаде, што досега останува без соодветен одговор.