Свет

САД имаат сателитески снимки како доказ кој го соборил авионот

САД имаат сателитески снимки како доказ кој го соборил авионот

Во исчекување на официјални резултати од истрагата за паднатиот малезиски авион во Украина, која уште не е почната, од вчера преку социјалните мрежи во САД се шири најновата верзија за падот на „боингот 777“, во кој загинаа 298 лица. Статијата е на познатиот новинар Роберт Пери, кој порано работел за АП и е наградуван новинар за истражувачко новинарство, со што се смета за кредибилен автор. Во „Kонзорциум њуз“ Пери цитира неименуван разунавачки извор за кој се смета дека е од Белата куќа, кој на новинарот му кажал дека САД имаат сателитски снимки на кои се гледа како украинските сили го соборуваат авионот на летот „МХ17“, пишува „Дневник“.

„Изворот, кој порано ми даваше точни информации за слични прашања, ми кажа дека разузнавачките агенции на САД имаат детални сателитски снимки од, најверојатно, батерија за лансирање проектили, од која е истрелан кобниот проектил, но се чини дека батеријата е под контрола на украинските владини сили облечени во украински униформи. Изворот додава дека аналитичарите на ЦИА с` уште не ја исклучуваат веројатноста дека војниците, всушност, биле украински бунтовници во слични униформи, но првичните процени се дека тоа биле украински војници. Исто така, има индиции дека тие војници биле недисциплинирани и веројатно пијани затоа што на снимките од местото се гледа нешто што личи на пивски шишиња“, кажа изворот, се наведува во статијата на Пери.

Во атмосфера кога никој досега не цитирал кредибилен извор за несреќата, а притоа уште по првите часови на падот на авионот како главни виновници се посочуваа проруските бунтовници, па и самиот Путин, ова е првпат во западни медиуми да се објави ваква вест која фрла сосема нова светлина на трагичниот настан.

Оваа е само една верзија од повеќето за тоа како е соборен „боингот“. Според друга верзија, најверојатно бил истрелан проектил од лансирниот систем „Бук“, но тој доколку го погодел авионот неговата бојна глава тешка околу 70 килограми, ќе го разнесела во парчиња. Меѓуота голем дел од „боингот“ останал цел. Затоа некои експерти наведуваат други варијанти – или е детонирана бомба во неговата внатрешност или бил гаѓан од друг авион.

Членот на Генералштабот на руските вооружени сили, генерал Андреј Kартополов, изјави вчера дека украински авион-ловец „су-25“ се наоѓал на три до пет километри од малезискиот „боинг“ непосредно пред тој да се урне.

– Регистриран е премин на украински авион „су-25“ во правец на малезискиот „боинг“, кој тогаш бил оддалечен на три до пет километри. Авионот-ловец „су-25“ може да достигне височина од 10.000 метри. Тој е вооружен со ракети „воздух-воздух“, кои можат да уништат цели на растојание до 12 километри и гарантираат сигурно уништување на цел до пет километри – истакна Kартополов, кој е началник на Главната оперативна управа на рускиот Генералштаб.