САД: Изборите во Македонија спроведени уредно и професионално

Изборите во Македонија беа спроведени уредно и професионално, со одредени технички неправилности, изјави вчера Џен Псаки, портпаролка на американскиот Стејт департмент.

Паралелно со објавувањето на заедничкото соопштение на САД и амбасадите на САД и на Европската Унија во Македонија, Псаки доби прашање од двајца грчки новинари на вчерашната прес – конференција во Стејт департментот, кои прашаа дали „БЈРМ спровела избори на кои не биле испочитувани некои важни обврски на ОБСЕ”.

– Им честитаме на граѓаните на Македонија за исполнувањето на нивното право на глас на претседателските и парламентарните избори. Ја повторуваме првичната оценка на ОБСЕ дека изборите беа спроведени на уреден и професионален начин, со некои технички неправилности. Продолжуваме да ги следиме фазите на изборниот процес, вклучително и постапувањето по евентуалните постизборни приговори и жалби. И секако, ги поттикнуваме тие што ќе ја формираат Владата по изборите да се посветат на отстапките и нееднаквостите во поширокиот изборен процес, кои беа наведени од ОБСЕ, изјави Псаки.