САД ја обвинија Северна Кореја за кибернетичкиот напад WannaCry

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп јавно ја обвини Северна Кореја за кибернетичкиот напад WannaCry, кој годинава парализираше илјадници болници, банки, образовни и институции и компании ширум светот.

„Нападот беше раширен и чинеше милијарди и Северна Кореја директно е одговорна“, порача советникот на американскиот претседател за внатрешна безбедност, Том Босерт, во текстот објавен во понеделникот вечерта во весникот The Wall Street Journal.

„Северна Кореја дејствувала особено негативно, многу неконтролирани повеќе од деценија и нејзиното злосторничко однесување е сѐ полошо. Нападот WannaCry беше неселективно безобѕирен“, напиша Босерт.

Белата куќа, според најавите на високи функционери, и поформално ќе го обвини Пјонгјанг.

Американската влада проценила со „голем степен на сигурност“ дека хакерската група Lazarus, којашто дејствува во име на севернокорејските власти, го извела нападот WannaCry, рекол за Reuters функционер кој не сакал да биде именуван.

Стручњаците за кибернетичка безбедност веруваат дека посочената група Lazarus е одговорна и за хакирањето на компанијата „Sony Pictures Entertainment“ во 2014 година кога се уништени документи и на интернет беше објавена комуникацијата на службениците во корпорацијата што резултираше со заминување на неколку високопозиционирани службеници накомпанијата.

Северна Кореја негира дека имала каква и да е поврзаност со нападот WannaCry, и тврди дека ваквите обвинувања се клевета.

До заклучокот дека Северна Кореја стои зад нападот со вирусот WannaCry, претходно дојдоа и експертите за кибернетичка безбедност како и британската влада.

Уште во мај годинава, експертот на јужнокорејската компанија за кибернетичка безбедност „Hauri Labs“ изјави дека нивните откритија се совпаѓаат со оние на компаниите „Symantec (SYMC.O)“ и „Kaspersky Lab“, коишто соопштија претходно дека некои од кодовоите во претходната верзија на вирусот WannaCry, исто така, се појавиле во програмите коишто ги користела хакерската група Lazarus, коишто некои стручњаци ја идентификуваа како одговорна за операциите на хакирања кои ги води Северна Кореја.

Хакерите, според сознанијата на истрагата, користеле модифицирана малициозна програма на американската Агенција за национална безбедност (NSA) кој протекла на интернет.

Нападите WannaCry во мај годинава заразија повеќе од 300.000 компјутери во 150 земји и територии во светот. Поштенската компанија „FedEx“ беше една од најпогодените со овој напад и очекува поради него загуба за оваа година од 300 милиони американски долари.