САД ја започнаа постапката за истапување од Парискиот климатски договор

© EPA/JIM LO SCALZO

Американскиот Стејт департмент официјално ги известил Обединетите нации дека САД ќе се повлечат од Парискиот климатски договор, но ја оствари отворена можноста повторно да му се придружи доколку се подобрат условите за Соединетите држави.

Стејт департментот соопшти дека САД ќе продолжат да учествуваат на состаноците на ОН за климатските промени во текот на периодот на истапувањето од договорот, коешто би требало да трае најмалку три години. Најраниот датум за целосното истапување на САД од Парискиот климатски договор е 4 ноември 2019 година, една година пред следните американски претседателски избори.

„САД го поддржуваат урамнотежениот пристап кон климатската политика која ги намалува емисиите (на штетните гасови) промовирајќи го истовремено и економскиот раст и осигурувајќи ја енергетската сигурност“, се наведува во соопштението.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја објави одлуката за повлекувањето од Парискиот климатски договор во јуни, велејќи дека овој договор би ги чинел САД илјадници милијарди долари, би ја намалил вработеноста и би ѝ наштетил на индустриите на нафтата, гасот, јагленот, како и на преработувачката индустрија.

Трамп, меѓутоа, рече дека е отворен за нови преговори за климатскиот договор, за кој речиси 200 земји и региони преговараа со години, предизвикувајќи осуда од меѓународната и деловната заедница коишто порачаа дека тоа неа да биде можно.

Трамп за Парискиот договор разговараше и со францускиот претседател Емануел Макрон во јули во текот на неговата посета на Париз, а тогаш за медиумите изјави: „Нешто би можело да се сличу кога станува збор за Парискиот договор, ќе видиме што“.

„Како што кажа претседателот во својата изјава од 1 јуни и потоа, тој е отворен за враќање во Парискиот договор доколку САД би можеле да ги идентификуваат условите кои се поволни за нив, за нивните работници, народот и даночните обврзници“, се наведува во соопштението на Стејт департментот за формалната нотификација за истапувањето од Парискиот договор.

Челниците на републиканците во Конгресот ја поддржуваат одлуката на Трамп. Водачот на т сенатското мнозинство Мич Мекконел изјави дека тоа е „уште еден важен удар во нападот на администрацијата на (претходниот демократски претседател Барак) Обама врз домашното производство на енергија и работните места“.

Меѓутоа, многу личности од меѓународната заедница оценија дека тоа претставува удар за меѓународните напори за ублажување на последиците од климатските промени и е испуштена можност за економскиот раст во индустријата на чиста енергија.

САД во времето на Барак Обама во рамките на Парискиот договор ветија дека до 2025 година ќе ги намалат емисиите на гасовите кои го предизвикуваат ефектот на стаклената градина за 28 отсто во однос на 2005 година.

Официјалниот претставник на генералниот секретар на ОН, Стефан Дужарик ноќта кон саботата го потврди примањето на известувањето од САД и ги прецизираше условите за излегувањето од меѓународниот договор.

„Врз основа на членот 28 од Парискиот договор, негов учесник може да се повлече во кој и да е момент по истекот на три години од денот на стапување на сила на овој документ“, реле Дужарик, потсетувајќи дека договорот стапи на сила за САД на 4 ноември 2016 година. Со тоа САД би престанале да бидат потписник на договорот до 2019 година.

Дужарик ја повторни изјавата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој во јуни изјави дека жали поради одлуката на САД да се повлечат од Парискиот договор. Административниот директор на светската организација оцени дека станува збор за „сериозен удар“ врз глобалните напори за намалувањето на емисиите на стакленичките гасови и напорите за подобрување на глобалната сигурност во оваа сфера.

„Крајно е важно САД да останат лидер во сферата на климатските прашања и одржливиот развој“, изјави Дужарик, додавајќи дека Гутереш се надева на соработка со американската влада и „сите други фактори во САД и во целиот свет“ во интерес на „градењето стабилна иднина за нашите деца и идните поколенија“.

Парискиот договор беше усвоен на 12 декември 2015 година во текот на 21-та Конференција за Рамковната конвенција за климатските промени во Париз, кога 195 учесници на форумот постигнаа согласност да не се дозволи зголемување на просечната температура на планетата до 2100 година за повеќе од 2 Целзиусови степени во споредба со нивото од пред-индустрискиот период.

Научниците веруваат дека позначителниот раст на температурата може да доведе до неповратни последици за животната средина. Договорот од Париз треба да го замени Протоколот од Кјото, чијашто важност истекува во 2020 година.

На 4 ноември 2016 година договорот стапи на сила за сите страни коишто го потпишаа. До 4 август годинава документот е ратификуван во 158 земји, меѓу кои и Кина и САД. Овие две земји предизвикуваат заедно 38 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови, главната причина за зголемувањето на температурата во атмосферата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.