САД ќе воведат нови санкции против Русија поради Сирија

© AFP 2018 / Hector Retamal

САД ќе воведат нови санкции против Русија како одговор на наводниот и сѐ уште недокажан хемиски напад во сирискиот град Сирија, за што Вашингтон и сојузниците го обвинуваат сирискиот претседател Башар ал-Асад кој ја има руската поддршка, изјави во неделата американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли.

Новите санкции ќе бидат „директно насочени против сите компании коишто се занимавале со опрема поврзана со Асад и користењето хемиско оружје“, изјави Хејли за американската телевизиска мрежа CBS. Според неа, санкциите во понеделник ќе ги објави американскиот министер за финанси Стивен Мнучин.

„Ќе видите дека руските санкции ќе бидат зајакнати. Министерот Мнучин тоа ќе го објави во понеделник, доколку тоа веќе не го сторил, и тие ќе бидат директно насочени на компаниите за снабдување со опрема и технологии, поврзани со користењето на Асад на хемиското оружје“, рече американската амбасадорка.

Во продолжение Хејли рече дека со ракетниот напад САД и сојузниците „испратиле силен сигнал“ до сирискиот челник, како и до неговите сојузници Русија и Иран.

„Се надеваме дека нѐ слушнаа. Употребата до хемиското оружје од страна на Асад, како и фактот дека тоа Русија го прикрива, мора да запре“, истакна Хејли.

САД, Франција и Велија Британија извршија ракетен напад во саботата во мугрите сириски локации за кои тврдат дека се поврзани со програмата за хемиско оружје., иако на крајот од 2016 година инспекторите на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) објави дека сите резерви на хемиски боеви материи се изнесени под меѓународен мониторинг од Сирија, како и дека се неупотребливи постројките за нивно производство.

Нападот западните сојузници го изведоа по наводниот хемиски напад врз последното упориште на исламистите од Џаиш ал-Ислам од минатата сабота во местото Дума во близина на сириската престолнина Дамаск. Владата на претседателот Асад тврди дека не поседува и не користела никогаш хемиско оружје. Руското министерство за одбрана, чиишто воени лекари и експерти во понеделникот влегоа во Дума, објави дека ниту кај пациентите ниту на теренот се пронајдени докази дека е користен хемиски агенс.