САД ќе го укинат ембаргото за испорака на оружје на Виетнам

Одлуката на администрацијата на САД да го ублажи долгогодишното ембарго за испорака на оружје на Виетнам во јавноста на југоисточна Азија е примена како чекор кој значи индиректна порака кон Кина дека Вашингтон не се откажува од своето влијание во решавањето на споровите во источниот дел на Пацификот, објави МИА.

Одлуката за делумно укинување на ембаргото за испорака на оружје во Вашингтон на виетнамскиот заменик премиер Пам Бин Мин лично му ја соопштил државниот секретар Џон Кери, во средата. Два дена покасно, новинарите на прес конференцијата во Белата Куќа добија соопштение дека оваа одлука нема директна врска со виетнамско-кинескиот спор околу сувереноста над териториите во Јужното Кинеско Море.

Традиционално добрите виетнамско-кинески односи се влошија по големите антикинески протести во Виетнам, поради изградбата на кинески нафтени платформи во водите на Јужно Кинеско Море, кои Виетнам ги смета за своја територија. Нормализацијата на односите меѓу двете држави, според веродостојни дипломатски извори, сè уште е во фаза на преговори.

На последниот годишен самит на шефови на држави и влади на десетте членки на АСЕАН на Вашингтон директно му беше соопштено дека не е пожелно мешање на САД во спорот околу сувереноста на водите во Јужното Кинеско Море.