САД ќе му продадат 5000 ракети „Хелфајер“ на Ирак

САД имаат намера на Ирак да му продадат 5.000 ракети „Хелфајр“, со цел да му помогнат на Багдад во борбата со сунитските бунтовници. Стејт департментот го одобрил договорот во вредност од 700 милиони долари, а се очекува и Конгресот да даде одобрение.

Петте илјади противтенковски ракети треба да „ги поддржат ирачките сили за безбедност во нивните сегашни операции“, се наведува во соопштението на американската Агенција за соработка во областа на одбраната и безбедноста.

Во текот на овој месец Вашингтон на Багдад веќе му испорача 466 ракети „Хелфајр“.

Ирачките сили за безбедност од нивните авиони досега ги истрелуваа ракетите „Чесна“.

САД ја отфрлија можноста за испраќање копнени сили како поддршка на ирачката армија во борбата со сунитските бунтовници, предводени од групата Исламска држава, кои контролираат поголеми делови од ирачката територија, вклучувајќи го и вториот по големина град во земјата, Мосул.

Вашингтон, меѓутоа, испрати воени советници, вети дека ќе ги забрза испораките на оружје и отворена ја остави можноста за изведување воздушни напади.

ИТАР -ТАСС пренесе дека крај Фалуџа продолжуваат судирите меѓу ирачките сили за безбедност и екстремистите од групата Исламска држава. Според последните податоци во судирите загинале десетина борци на групата. Нема податоци за загубите меѓу владините сили.

Според податоците што вчера беа објавени во ирачките медиуми, од почетокот на конфликтот во Фалуџа, загинале 672 цивили, од кои 19 отсто се жени, а 17 проценти деца.