САД на Вучиќ му го предлагаат тоа што на времето го одби Милошевиќ

САД деновиве на Србија и предлагаат да се приклучи кон Западот, но влезниот билет за тоа не е бесплатен и има серија конкретни услови, пишува белградскиот весник „Блиц“.

Весникот додава дека американските барања и очекувања им се добро познати на властите во Белград.

– Некои од нив не само што не претставуваат проблем, туку се подразбираат и без САД, а други, пак претставуваат сериозен пресврт во досегашната политика на Србија, наведува „Блиц“.

Со цел да проверат дали Србија се движи по предложената насока или не, кон средината на јули во Белград пристигнуваат Викторија Нуланд и Евелин Фаракс, високи функционери во Стејт департментот, односно Пентагон, кои се одговорни токму за овој дел од Европа.

– Србија добива историска можност да му се приклучи кон западниот свет, токму онака како што Слободан Милошевиќ имаше можност тоа да го стори во разговорите со Џејмс Бејкер, но ја испушти. Во замена Србија добива политичка поддршка од САД за ЕУ, значителна економска помош, пристап до фондовите и модернизирање на армијата, изјави за „Блиц“ дипломатски извор.

Тој додава дека според Стејт департментот, Србија, Македонија, Косово и Босна и Херцеговина се на „линијата на фронтот“ меѓу Западот и Русија.

САД не инсистираат на целосен прекин на односите со Русија, но сакаат Србија јасно да се огради од намерите на Русите да создадат кризно жариште на Балканот, за да го одвлечат вниманието од Украина, пишува „Блиц“.

– Од Србија се очекува да ја следи заедничката надворешна политика на ЕУ и да има јасен став за конфликтот во Украина. Веќе има многу жаришта, кои го бараат присуството на САД. Во балтичкиот регион има сериозни тензии и неопходно е Балканот да биде мирен и стабилен, вели изворот за „Блиц“.