САД: Нуклеарките на Северна Кореја се голема закана

Дострелот и прецизноста на проектилите на Северна Кореја се „голема грижа“ и закана за територијата на САД, изјавил вчера генералот Винсент Брукс, командант на Армијата на САД во Пацификот.

За аналитичкиот Центар за стратегиски и меѓународни студии Брукс изјавил дека е тешко да се посочи до каде е Северна Кореја во развојот на својата нуклеарна програма и дека „можноста за грешка во процените е висока“.

Во меѓувреме, американската мисија во Меѓународните организации со седиште во Виена вели дека модерираниот нуклеарен реактор на оваа отпадничка земја има потенцијал да произведува повеќе плутониум за да го напојува идното оружје.

Изјавите доаѓаат само еден ден откако министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Ри Су Јонг, објави дека нацијата има капацитет да изврши превентивен удар врз САД во случај на нуклеарна закана.

Тензиите продолжуваат да ескалираат на Корејскиот Полуостров додека САД и Јужна Кореја ја спроведуваат годишната заедничка воена вежбa.