САД објавија дека системот THAAD во Јужна Кореја е подготвен за пресретнување ракети

(© AFP 2017 / Yonhap)

Американскиот противракетен систем THAAD разместен во Јужна Кореја е подготвен за пресретнување проектили, изјави во вторникот портпаролот на американскиот контингент во оваа земја, Роб Менинг.

„Силите во Кореја потврдуваат дека системот THAAD е распореден и способен за пресретнување на ракетите од Северна Кореја и заштита на Јужна Кореја“, рекол Менинг.

Минатата седмица јужнокорејската команда објави дека првата опрема за инсталирање на системот THAAD е доставена на одредената локација.  Министерството за одбрана на Јужна Кореја истакна дека целосното инсталирање на системот ќе заврши до крајот на годината. Во меѓувреме, во четвртокот, командантот на американската Пацифичка команда, адмиралот Хари Харис изјави дека системот ќе биде ставен во функција веќе следните денови.

Според медиумските извештаи, батеријата стационирана во Јужна Кореја ќе има четири до девет мобилни гасенични системи, од кои секоја е наменета за осум ракетни пресретнувачи, иако официјалните податоци сé уште не се објавени. Системот ќе биде опремен со противракетниот радар TPY-2 TM. Според наведеното, радиусот на дејствијата на одбранбените проектили не надминува 200 килоемтри.

Кина на крајот од септември минатата 2016 година ги повика САД и Јужна Кореја сериозно да ја сфатат нејзината загриженост од можноста американскиот високотехнолошки противракетен систем ТHAAD (Therminal High Altitude Area Defense), да биде разместен во регионот и ги повикаа да се откажат од таа идеја.

(© EPA/YONHAP)
(© EPA/YONHAP)

Администрацијата на претходниот американски претседател Барак Обама лани објави дека ракетниот одбранбен систем THAAD ќе биде разместен во Јужна Кореја, за пресретнување на балистичките проектили од Северна Кореја, на територијата на голф-клубот во округот Сонџу во источната покраина Кенсан-Пукто.

Пекинг оттогаш повеќепати ги повика САД и Јужна Кореја „да вложат значителен придонес за мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров, сериозно да се однесуваат кон загриженоста на другите земји во регионот, вклучително и Кина и, исто така, веднаш да го запрат процесот за разместување на системот THAAD“.

Кинеските власти истакнуваат дека распредувањето на THAAD во Јужна Кореја не помага во напорите за денуклеаризација на Корејскиот полуостров, поддршката на мирот и стабилноста во регионот, и притоа нагласуваат дека поставувањето на системот влијае врз стратешки интереси во регионот, како и дека ќе преземат мерки за заштита на националните безбедносни интереси на земјата и за поддршка на регионалниот стратешки баланс.

Русија уште во февруари 2016 година, исто така, предупреди на многу можна трка во вооружување на Корејскиот полуостров, имајќи ја предвид подготвеноста на САД таму да го распоредат својот противракетен систем ТHAAD, како реакција на севернокорејските лансирања на балистички проектил.

Поставувањето на елементи од глобалниот систем на американска противракетна одбрана во регионот може да предизвика трка во вооружување во североисточна Азија и уште повеќе да го компликува решавањето на нуклеарниот проблем на Корејскиот полуостров, а поглобално гледано, таа мерка би можела да го зајакне разорното влијание на американскиот глобален систем за противракетна одбрана врз меѓународната безбедност и стабилност, оценува руската дипломатија.

Во јули 2016-та, по пет месеци преговори, Вашингтон и Сеул постигнаа согласност за разместување на системот THAAD, кој се смета за еден од најнапредните во светот, и кој треба да интервенира во случај на истрелување на балистички ракети од страна на Северна Кореја, повикувајќи се на заканите од Пјонгјанг кои досега се вербални и експертите ги сметаат за претерани во однос на вистинските капацитети кои ги поседува оваа сиромашна комунистичка земја.

Системот THAAD истрелува ракети кои се дизајнирани да пресретнат и уништат балистички проектили додека се уште надвор од атмосферата или само што влегле во неа, во текот на последната фаза од нивниот лет. Овој антибалистички систем истрелува ракети осмислени да пресретнат и уништат балистички ракети во завршната фаза од нивната траекторија. Американците почнаа да го поставуваат на различни точки во 2008 година.