САД: Отцепувањето на Шкотска ќе му наштети на НАТО

САД стравуваат од можното расцепкување на Велика Британија, доколку по денешниот референдум, гласачите во Шкотска се определат за независност, пишуваат американските медиуми, повикувајќи се на дипломатски и експертски извори, објави МИА.

Најголемите стравувања се поврзани со националната безбедност, затоа што се проценува дека заминувањето на Шкотска ќе ја доведе во прашање можноста на НАТО да ѝ се спротивстави на Русија во Источна Европа, што стана мошне актуелно по настаните во и околу Украина. Американски политички и безбедносни функционери предупредуваат дека евентуалното шкотско отцепување ќе го стави под прашање британскиот нуклеарен потенцијал.

Стравувањето постои затоа што атомското оружје на Велика Британија, кое е дел од нуклеарниот потенцијал на Западот, е стационирано во Шкотска, на нејзниот западен брег.

Работите се усложнуваат поради тоа што главната партија на тамошните сепаратисти, шкотската национална партија (СНП), пред и во време на кампањата за референдумот, агитираше против нуклеарното оружје. Нејзиниот лидер Алекс Салмонд, најави дека „независна“ Шкотска нема да има нуклеарно оружје на својата територија и порача дека Лондон ќе мора да го пресели на некоја нова локација, во она што тој го нарекува „остатокот“ на Велика Британија.

Салмонд и лидерите на СНП порачуваат дека тие би сакале и по отцепувањето земјата да остане дел од НАТО, но без атомското оружје. Шкотските сепаратисти ги уверуваа гласачите во текот на кампањата дека земјата без чекање ќе стане дел од Алијасата, врз основа на припадноста како дел од Велика Британија, иако од Алијансата порачуваат дека тоа нема биде така.

Генералниот секратер на НАТО, Андерс Фог Расмусен му порача на Единбург дека доколку Шкотска стане независна, ќе мора да аплицира и да ја помине постапката за прием како и сите други нови членки во изминатите децении.

Експертите во САД имаат резерви кон можноста Шкотска сама, да биде толку економски силна за да издвојува два отсто од својот БНП за одбрана, во услови кога крупниот бизнис најави повлекување од таму, доколку гласачите се определат за отцепувањето. Поранешниот функционер во Стејт департментот Џереми Шапиро, сега предавач на Брукингс институтот во Вашингтон изјави за Си-Ен-Ен дека „расцепкувањето на еден витален сојузник на САД, каква што е Велика Британија, која е важна членка на НАТО, воопшто не ѝ одговара на Америка, во сегашниот момент на соочување и конфронтирање со Русија“.

Доколку гласачите во Шкотска, на денешниот референдум се определат за отцепување, тоа ќе биде прв случај на сепарација во една земја од Западот, членка на НАТО и на ЕУ.