САД префрлија затвореник од Гванатанамо во Црна Гора

Јеменец, кој минал 14 години во воениот затвор во американската база „Гвантанамо“, е префрлен во Црна Гора, соопшти Пентагон, пренесува МИА.

По трансферот на Абдел Малик Ахмед Абдел Вахаба ал-Рахаби во Црна Гора, во затворот во американската поморска база на Куба останаа уште 79 затвореници, наведува Пентагон во соопштението.

Според документите на Пентагон, Ал-Рахаби (37) е префрлен во Гвантанамо во јануари 2002 година, откако е обвинет дека бил телохранител на Осама бин Ладен, убиениот лидер на Ал Каеда.

Американската комисија за разгледување на казните во декември 2014 година утврди дека ал-Рахаби не претставува значајна закана за САД и препорача негов трансфер, се вели во соопштението на Пенталог.

– САД и се благодарни на Владата на Црна Гора поради нејзиниот хуманитарен гест и подготвеноста да ги поддржи американските напори за затворање на притворската единица „Гвантанамо Бај“, соопшти Пентагон.

Американскиот претседател Барак Обама, кој инсистира на затворање на објектот пред да ја напушти должноста во јануари наредната година, во февруари претстави планот пред Конгресот на САД за затворање на Гвантанамо, но за ваквата идеја се соочува со жестоки спротиставувања од бројни републикански конгресмени, како и од некои од редовите на неговата Демократска партија.

Затворениците од Гвантанамо се уапсени надвор од земјата, кога САД се ангажираа во војните во Ирак и Авганистан по нападите на Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година.

Затворскиот објект, кој го отвори претходникот на Обама, Џорџ Буш помладиот, стана симбол за агресивен третман кон затворениците, што предизвика обвиненија против САД за тортура.