САД: Проширувањето нема да биде главна тема на самитот на НАТО

Проширувањето на НАТО нема да биде една од главните теми на самитот на Пактот во Велика Британија, но Алијансата ќе остане отворена за земјите кои се заинтересирани да и се приклучат и САД ќе продолжат да ги поддржуваат на тој пат, изјави портпаролката на Стејт департментот Мари Харф.

„Во врска со НАТО, Алијансата останува отворена за сите европски демократии кои сакаат да се приклучат, кои ги унапредуваат принципите на НАТО и придонесуваат кон стабилноста и сигурноста на северноатланската област. Продолжуваме да ги имаме овие разговори. Проширувањето нема да биде една од главните теми на самитот во 2014 година, но тоа е прашање на кое треба да бидеме фокусирани“, изјави Харф на новинарското прашање за тоа што може да се очекува на самитот кој ќе се одржи во Велика Британија во септември.

Македонија и Црна Гора се надеваат на покана за членство на самитот, додека повеќе земји, како Босна и Херцеговина и Грузија, очекуваат отворање на процесот МАП.

Харф воедно рече дека САД не загубиле интерес во балканскиот регион.

„ Повеќе од 20 години нашиот ангажман во регионот е воден од желбата да ги оддржиме аспирациите на земјите од Западен Балкан да се интегрираат во евроатланските институции. Претседателот нема да го посети регионот при европската турнеја, но овие прашања остануваат и тие се најдобар начин да се обезбеди долгорочно просперитетот“, изјави Харф.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.