САД: Сакаме да соработуваме со Русија, каде што е можно

Дури и во услови на актуелната криза во Украина, САД сакаат да соработуваат со Русија, каде што е можно, изјави заменикот советник за национална безбедност на Белата куќа Бен Роудс, пренесува ИТАР-ТАСС.

Роудс тоа го изјавил како коментар на вчерашната изјава на рускиот претседател Владимир Путин дека Москва не се подготвува да ги прекине односите со САД.

„Важно е да се истакне, дека дури и во сегашниот многу сложен период претседателот Обама и претседателот Путин ги поддржуваат меѓусебните контакти. Нивната способност да разговараат целосно отворено еден со друг има големо значење. Со тоа се отвора простор за дипломатија и да се надеваме, за намалување на тензиите во Украина“, изјави Роудс.

Сепак, тој призна дека во однос на Украина меѓу Вашингтон и Москва во моментот има сериозни разлики.