петок, 25 ноември 2016  |  Вести денес: 0

САД: Самит за нуклеарна безбедност

133105261

Последни вести

Во Вашингтон денеска почнува самит за нуклеарна безбедност на кој првпат ќе биде одржана посебна сесија за спречување на терористичките групи да дојдат до нуклеарен материјал.

На овогодинешниот самит, делегации од над 50 земји ќе разговараат за нуклеарните закани и начините да се намалат и спречат.

Белата куќа соопшти дека една од целите на самитот ќе биде јакнење на меѓународната мрежа на организации за да продолжат да работат на нуклеарната безбедност ширум светот.

Терористичките напади во Брисел уште еднаш покажаа колку групите, како Исламска држава, станаа опасни. Станува збор за закана за која ќе се расправа на специјално заседание во рамки на самитот во Вашингтон.

– Во центарот на вниманието ќе биде поширока закана. Меѓутоа, можноста Исламска држава да дојде до каков било нуклеарен материјал мора да се избегне и тоа секако ќе биде тема на разговор, најави портпаролот на Белата куќа Џош Ернест.

Белгија по нападите во Брисел постави вооружени чувари во нуклеарните објекти. Меѓутоа, лидерите повеќе се загрижени дека терористите во земји како Пакистан би можеле да дојдат до нуклеарен материјал, а стравуваат и поради севернокорејската нуклеарна закана.

Ова ќе биде четврти и последен нуклеарен самит за американскиот претседател Барак Обама.

На претходните собири, се разговараше и за намалување на употребата на високо збогатен ураниум, обезбедување нуклеарен материјал и спречување на негово криумчарење, како и за тероризмот.

Експертите, меѓутоа, оценуваат дека клучните прашања и натаму се нерешени.

Русија го одби повикот за учество, наведувајќи дека ваквите самити веќе ја одиграле својата улога.

Белата куќа оцени дека Русија сама себе се изолирала со одлука да не присуствува на самитот за нуклеарна безбедност.

– Одлуката на Русија да не присуствува на самитот на високо ниво, ја сметаме, за пропуштена можност, пред се за Русија, изјави Бен Роудс, заменик советник во Националниот совет за безбедност при Белата куќа.

Роудс рече дека САД и Русија продолжуваат да соработуваат и да разговараат за прашања врзани за нуклеарната безбедност.

Русија во октомври минатата година ги извести САД дека оваа година нема да учествува на самитот, што се одржува денеска и утре во Вашингтон.

На маргините на состанокот, Обама ќе се сретне со јужнокорејската претседателка и јапонскиот премиер, Парк Геун-хје и со Шинѕо Абе, со кои ќе разговара за нуклеарната програма на Северна Кореја, соопшти Белата куќа.

Најчитани вести