САД се обидуваат да ги преместат нивните шпиони од Берлин во Прага

САД се обидуваат своите државјани кои ги контролираат тајните агенти да ги преместат од амбасадата во Берлин во дипломатските претставништва во Прага и Варшава, пренесоа медиумите.

Медиумите информираа дека во Германија наводно има повеќе десетици шпиони кои со години работат за американската надворешна разузнавачка служба.

Германско-американската тензија е очигледна во последните случувања. Објавувањето на информациите за наводни американски шпиони на германска територија покажува дека се прекинати координациите меѓу службите. Тоа јасно бил посочено во германските медиумите кои објавиле дека агентите престанале да се состануваат со своите контролори-шефови.

Како што пренесоа медиумите, после овие случувања САД се обидуваат своите државјани да ги преместат во амбасадите во Варшава и Прага, предупредува германскиот весник „Билд ам зонтаг“ , додавајќи дека американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) наводно користи десетици вработени во германските владини органи како свои извори.

Германските министерства и тоа за одбрана, за внатрешни работи, како и за економија и за развојна помош биле од посебен интерес во случувањата, ценето според пишувањата во медиумите.

Во вторникот Берлин побара од шефот на канцеларијата на ЦИА да ја напушти Германија поради американското шпионирање на Германија. Во минатите две недели германските власти открија двајца Германци кои наводно работеле за САД како шпиони.

Во првиот случај вработен во германската разузнавачка служба БНД наводно продал повеќе од 200 документи на ЦИА за сума од 25.000 евра. Тој наводно признал дека шпионирал во корист на САД.

Во вториот случај вработен во Министерството за одбрана беше испрашуван поради сомнеж за шпионажа. Тој ги отфрли сите обвинувања, објави „Дојче Веле“.

Во интервју дадено за јавниот сервис ЦДФ, канцеларката Ангела Меркел рече дека САД и Германија имаат „фундаментално различни погледи“ за тоа како треба да оперираат разузнавачките агенции. Таа рече дека партнерите не треба меѓусебно да се шпионираат. Таа сепак признава дека ќе биде тешко да се убеди Вашингтон да си го промени начинот на работа.

И покрај нивните разлики, Меркел сака германските и американските разузнавачки служби да продолжат да соработуваат. „Германија профитира од соработката која се однесува на борбата со тероризмот и други работи“, рече Меркел, пишува „Дојче Веле“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.