Балкан

САД се загрижени поради корупцискиот скандал во Турција

САД се загрижени поради корупцискиот скандал во Турција

САД изразија загриженост поради корупцискиот скандал што ја погоди Владата на Турција, но ја потврдија важноста на врските со Анкара, особено во врска со сириското прашање, пренесе „Франс прес“.

Стејт департментот соопштил дека директно ја изразил до турската Влада „поддршката на САД за желбата на турскиот народ да има фер и транспарентен судски систем“ и наклонетоста на Американците кон слободата на говорот и на медиумите.

Турција три недели ја тресе невиден корупциски скандал, во кој досега беа уапсени десетици лица, блиски до исламско конзервативната Влада, директно загрозувајќи ја позицијата на премиерот Реџеп Таип Ердоган три месеци пред локалните избори.

Политичко-финансискиот скандал доведе до апсење на дваесетина бизнисмени, работодавци и функционери, предизвика оставки на тројца министри и го принуди Ердоган да изврши значителни промени во Владата.

Портпаролката на Стејт департментот Џенифер Псаки изјави дека САД се загрижени за ситуацијата во Турција.

„Членката на НАТО, Турција, е и останува фундаментален сојузник на САД по широк круг прашања“, истакнала Псаки.

Таа потсети дека Турција е вклучена во голем број на дискусии за сириската криза, дека прифатила на своја територија дел од сириската опозиција во прогонство и дала азил на над 600.000 сириски бегалци.

„Ја продолжуваме тесната соработка со Турција и се разбира, ја изразуваме својата загриженост за тоа што се случува во земјата“, изјавила портпаролката на дипломатијата на САД.