САД распоредуваат тенкови во источна и централна Европа

САД распоредуваат тенкови во источна и централна Европа

САД ќе распоредат тенкови, артилерија и друга воена опрема во источна и централна Европа, најави денеска американскиот секретар за одбрана Еш Картер, обидувајќи се да ги смири НАТО сојузниците, кои изразуваат загриженост поради случувањата во Украина.

Картер за време на посетата на Талин истакна дека балтичките држави, Естонија, Литванија и Летонија, како и Бугарија, Романија и Полска, се согласила на нивна територија да бидат распоредени делови од оваа опремата, пренесува МИА.

Со планот е предвидено распоредување на 250 тенкови, како и опрема и војници, од кои поголемиот дел веќе се наоѓаат во Европа, изјавија официјални претставници.

По приклучувањето на Крим кон Русија минатата година НАТО лидерите постигнаа договор да ги зајакнат вежбите и ротациите на силите преку НАТО сојузниците во источна Европа, како и за распоредување на воената опрема на тоа подрачје во случај на вонредни околности.

Претставник на руското Министерство за одбрана изјави дека распоредувањето на тенковите и тешкото вооружување во НАТО членките долж руската граница е најагресивен чекор на САД од Студената војна.

Рускиот претседател Владимир Путин најави дека Русија ќе додаде повеќе од 40 интерконтинентални балистички ракети кон својот нуклеарен арсенал оваа година.