Свет

САД воведоа санкции против двајца турски министри

САД воведоа санкции против двајца турски министри

Американското министерство за финансии воведе во средата санкции против турските министри за правда Абдулхамид Ѓул и за надворешни работи Сулејман Сојлу, бидејќи двајцата функционери имале „водечка улога“ во апсењето и притворањето на американскиот пастор Ендрју Брансон, соопшти за медиумите портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, којашто истакна дека мерки се донесени „по указ“ на американскиот претседател Доналд Трамп.

Воведувањето на санкциите против Ѓул и Сојлу во соопштение за јавноста го потврди и министерството за финансии на САД. Како што се наведува во документот, ќе бидат блокирани сите сметки и активи на двајцата турски министри под јуриздикција на САД, како и дека санкциите се воведени во рамките на ткн „глобален акт Магнитски“ кој го донесе Конгресот во 2016 година, насочен против лица коишто се вклучени, според мислењето на Вашингтон, во корупција и кршења на човековите права. Покрај тоа, со овие санкции им се забранува на американски државјани остварување какви и да се операции со споменатите министри и, исто така, ним им е забраент влезот на територијата на САД.

Двајцата министри „одиграа главна улога во активностите кои доведоа до апсење и затворање на Брансон. Овие функционери се челници на турските владини агенции кои се одговорни за спроведување сериозни повреди на човековите права во Турција“, се додава во соопштението на американското министерство за финансии.

„Нелегалниот притвор на пасторот Брансон и продолжениот судски прогон од страна на турските власти е едноставно неприфатливо. Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека САД очекуваат негово итно ослободување“, изјави за новинарите министерот за финансии, Стивен Мнучин.

Вашингтон смета дека Брансон „е жртва на необјективно и неправедно притворање од турските власти“. Во споменатото министерство истакнуваат дека неговото притворање „поради недостиг од докази“.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека Вашингтон ќе воведе санкции доколку турските власти не му овозможат на пасторот Брансон да се врати во татковината. Турските власти, пак, го товарат Брансон за поврзаност со организаторите на неуспешниот воен преврат од средината на јули 2016 година. Во моментот двете страни преговараат за натамошната судбина на свештеникот.

Претходно седмицава медиумите објавија дека Трамп побарал од Израел ослободување на турската актерка Ебу Озкан, која е обвинета за поврзаност со палестинското исламистичко движење Хамас. Американскиот претседател, за возврат, очекувал дека Анкара, ќе го ослободи американскиот пастор. Под притисокот на Трамп, Израел на 15-ти јули ја депортираше Озкан, но Бренсон остана во Турција.

Во неделата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган предупреди дека САД би можеле да загубат сигурен сојузник во лицето на Турција. „Нема да отстапиме пред санкции. Ние не тргуваме со прашањето на Брансон“, го цитираше турскиот весник Haberturk турскиот лидер.

Ердоган притоа потврди дека Анкара барала од Вашингтон помош за вражање на актерката Озкан од Израел. „Ебру беше пуштена на слобода, но нејзиниот пасош е конфискуван. Ние побаравме дали може да помогнат да се врати во Турција, давајќи ѝ американски пасош?“, рече турскиот претседател. Истовремено тој истакна дек Турција не ветила дека ќе им го предаде Брансон на САД.

Американскиот пастор е притворен во Турција од октомври 2016 година со обвинение за помагање на забранетата организација FETО, која ја води имамот Фетула Ѓулен кој речиси две децении живее во доброволен егзил во САД. Анкара Ѓулен и неговите приврзаници, заедно со десетици странски државјани се обвинети за организација на неуспешниот пуч од летото 2016-та. Брансон, исто така, е обвинет и за поддршка на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), а пасторот ги отфрла обвиненијата нарекувајќи го „срамни и одвратни“.

Минатата седмица судот во турската покраина Измир одлучи да го премести пасторот во домашен притвор. Со пресудата од 25-ти јули на Бренсон, исто така, забрането му е да ја напушта територијата на Турција. Претходно истиот суд го отфрли барањето за ослободување на Брансон. Следното рочиште во случајот на американскиот пастор е закажано за 12-ти октомври.

Во последниот период прашањето за судбината на пасторот стана едно од најтешките во тешко нарушените односи меѓу Вашингтон и Анкара. Американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Мајлк Пенс најавија пред извесно време дека САД може да воведат економски санкции против Турција, доколку итно не биде ослободен Брансон. Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу на тоа возврати дека Анкара „нема намера да ги толерира американските закани и мешањето на САД во политиките на земјата“.

Анкара, инаку, две години безуспешно бара од Вашингтон екстрадиција на имамот Фетула Ѓулен, а меѓусебните односи на двете земји членки на НАТО се нарушени и откако Турција склучи договор за набавка и заедничко развивање со Русија на напредните противвоздушни ракетни системи С-400, по што Конгресот ја сопре испораката на порачаните американски борбени авиони на Турција.