САД замрзна 125 милиони долари помош за палестинските бегалци

САД замрзнаа 125 милиони долари за агенцијата на Обединетите нации којашто осигурува помош за палестинските бегалци, извести во петокот интернет страницата Axios News, неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја ограничи идната помош за Палестинците доколку не се вратат на мировните преговори.

САД се најголемиот донатор на агенцијата за палестинските бегалци со ветени уплати од 370 милиони долари од 2016 година, според интернет страницата на УНРВА. САД во 2016 година преку својата агенција за развој USAID им донирал на Палестинците 264 милиони евра, покажуваат податоците објавени на интернет страницата на агенцијата. На тоа треба да се додадат и 225 милиони евра, коишто Вашингтон ги уплатил за програмите на ОН на палестинските територии.

Оваа сума, којашто изнесува третина од годишните донации на САД за УНРВА, требаше да биде уплатена на 1-ви јануари, но таа е замрзната додека американската влада прави ревизија на помошта за Палестинската самоуправа, пишува Axios News, цитирајќи три неименувани западни дипломати.

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека ќе ги запре парите за Палестинците, обвинувајќи ги дека „повеќе не се расположени да преговараат за мирот“ со Израел.

„Плаќаме стотици милиони долари годишно и не нѐ ценат, ниту нѐ почитуваат. Дури не сакаат ниту да преговараат за мировниот договор со Израел кој веќе многу доцни..,. доколку Палестинците повеќе не сакаат да разговараат за мирот, зошто ние ним би требало во иднина да им ги извршуваме овие големи уплати?“, порача Трамп во својата објава на Twitter.

Палестинското претседателство во средата за агенцијата AFP изјави дека Ерусалим „не е на продажба“, реагирајќи на заканата од американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја укине финансиската помош од САД, доколку Палестинците одбијат да преговараат со Израел.

„Ерусалим е вечната престолнина на палестинската држава и не може да се продава за злато, ниту за милијарди“, изјави за француската новинска агенција Набил Абу Рудеина, портпарол на претседателството на Палестинската самоуправа, алудирајќи на одбивањето на Палестинците да ги продолжат преговорите по одлуката на САД да го признае Ерусалим за израелска престолнина.

Американската одлука ги разгневи Палестинците коишто сакаат источен Ерусалим, заземен од Израел во текот на ткн Шестдневна војна од 1967 година и потоа го анектираше, за главен град на својата идна држава. Предизвика и бран критики и осуди како од муслиманскиот и арапскиот свет, така и од сојузниците на САД.

Статусот на Ерусалим е едно од најтешките прашања во долгите израелско-палестински преговори, бидејќи Израел останува на ставот дека Светиот град е „неделива и вечна“ престолнина на еврејската држава.

„Не се противиме на продолжувањето на преговорите, но тие мора да се засноваат на меѓународното право и резолуциите (на ОН) во коишто се признава независна палестинска држава со источен Ерусалим како престолнина“, додаде Рудеина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.