Магазин

Саем на книгата од 5 до 11 мај

Саем на книгата од 5 до 11 мај

Повеќе од 70 издавачи од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Шведска, Италија, ќе се претстават на 27.Саем на книгата, што ќе се одржи од 5 до 11 мај на Скопски саем. Саемот ќе биде отворен на 4 мај во 19 часот.

На Саемот ќе бидат изложени современи и класични литературни дела, стручна научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста.

Комерцијалниот директор на Скопски саем, Валентина Димитрова денеска на средба со новинарите рече дека очекуваат годинава да има поголем број посетители на Саемот од причина што има поголем број домашни и странски изложувачи издавачи, пренесува МИА.

– Во Галеријата во Метрополис Арена ќе има промотивно катче каде ќе бидат промовирани новите наслови годинава. Новина е што ќе има тематски денови кои секој ден ќе бидат различни. Тематската програма вклучува „Ден на македонска поезија“, „Промоција на млади автори“, „Ден на егзистенцијализмот“, „Големите светски талкачи“, „Ден на екранизирана уметност“, „Сонуваме ѕвезди“ – средба на девата со поетите, истакна Димитрова.

Претседателот на Здружението на издавачи и книжари на РМ, Горјан Лазаревски рече дека дека Саемот претставува најзначајна манифестација од областа на книжевната и издавачката дејност.

– Саемот овозможува една поблиска интерактивна комуникација меѓу издавачките куќи, авторите и читателите. Изминатите години оваа манифестација влијаеше на воспоставувањето на неопходните функционални литературни и книжевни релации до поширокиот свет. Секоја година настојуваме на Саемот да се зголеми присуството на издавачки куќи од регионот, посочи Лазаревски и изрази уверување дека и годинава ќе има успешно издание на Саемот на книгата.

Додаде дека традиционално и годинава Здружението на издавачи и книжари ќе ги додели наградите на учесниците на Саемот на книгата поделени во пет категории: најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саема, најдобро ликовно графичко обликување и дизајн на книга или едиција, најдобро илустрирана книга или сликовница, награда „Јаков од Камена река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга или едиција, како и најдобар книжар меѓу двата саема.

Работното време на Саемот на книгата ќе биде од 10 до 20 часот, влезниците се 30 денари, а за организирани посети 20 денари.

Димитрова информира дека во другите хали на Скопски саем од 7 до 9 мај ќе се одржат саемските манифестации-Скопје травел маркет (во втора хала), Денови на образование и кариера (во трета хала) и Виз Ер Скопје Маратон експо (во четвртата хала).