Економија

Саем за градежништво и недвижнини

Саем за градежништво и недвижнини

Над 300 компании во три саемски хали од денеска до 7 март ќе се претстават на 12. Меѓународен саем за градежништво, градежни материјали и градежна механизација. Во рамки на саемот во Метрополис Арената по петти пат ќе се одржи и Саемот за недвижности и инвестиции RealExpo. Партнер на саемот е Министерството за финансии со проектот „Купи куќа, купи стан“.

На саемот ќе се нудат и продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти. Се очекува саемот да го привлече вниманието на експерти од областа на градежната индустрија кои ќе дискутираат и склучуваат зделки во кои ќе ги вклучуваат и новите трендови во градежништвото.

Ќе се одржуваат и стручни програмски активности на теми за енергетска ефикасност и фасадни системи и еко иновативни материјали, како и предавање на тема „Концепти и проекти во архитектурата“.

На посетителите ќе им бидат понудени над 3.000 станови, а на Real Expo ќе учествуваат голем број градежни компании кои ќе понудат станови со попуст и до неколку илјади евра и ќе важат само за саемските денови.

Оваа година ќе биде организирана наградната игра „Награда за надоградба“, со која на најсреќните посетители ќе се доделат вредносни ваучери од 700, 500 и 300 евра во денарска противредност, кои ќе можат да ги искористат за производи од програмата на изложувачите на Саемот на градежништво 2015.