Саем за можности за вработување за лицата со попреченост

Саем за можности за вработување за лицата со попреченост денеска се одржа во Куманово. На саемот учестуваа локални компании и претставници од Агенцијата за вработување од североисточниот и источниот регион.

-Вработувањето на лица со попреченост не е прашање на милостина, туку прашање на човекови права. Секој месец се повеќе и повеќе компании вработуваат лица со попреченост фокусирајќи се на нивните способности, а не на нивната попреченост. Ги поздравувам компаниите кои учествуваат на денешниот саем и ги отвараат своите бизниси за лицата со попреченост, изјави Џејмс Стајн, директор на мисијата на УСАИД во Македонија.

Целта на Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост е да го зголеми учеството на лицата со попреченост во општеството преку обезбедување на помош при наоѓање на работа. Проектот ја поддржува имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост во Македонија. Преку обезбедување на пракси и обуки за како да најдат работа, како да напишат резиме, како да се подготват за успешно интервју и како да започнат сопствен бизнис. Проектот цели кон зголемување на можностите за вработување за лицата со попреченост и кон подигнување на јавната свест за нивните вештини и за предизвиците со кои се соочуваат. Проектот е наменет за лицата со попреченост од Скопје, Велес, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар, Кичево, Куманово, Штип, Пробиштип и Свети Николе.

Досега, преку Проектот се обучени 277 лица со попреченост на тема “Стратегии за барање работа”, 14 лица ја посетија дводневната обука за претприемништво, 147 претставници од различни компании и институции се обучени за менторско водење на лица со попреченост и вработени се 76 лица со попреченост.