Саем за вработување во Куманово

Повеќе од 40 компании се претставија на Саем за вработување, што денес се одржа во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Организатор на седмиот саем за вработување е Агенцијата за вработување на Македонија (АВРМ). На отворањето, директорот на АВРМ, Влатко Поповски истакна дека саемот е можност компаниите да понудат работни места за невработените.

– Од она што го согледавме досега, од шесте саеми увидовме дека секогаш се бараат техничките науки. Се бараат занатечи, луѓе кои се обучени за работа со машини, изјави Поповски, пренесува МИА.

Тој изрази надеж дека Владата, АВРМ, Министерството за труд и социјална политика ќе придонесат за што поголем број млади да се одлучат за образование кое во иднина ќе им донесе вработување. Најави дека и во иднина ќе продолжат со саемските манифестации. Наредниот саем, како што рече, ќе се одржи во Скопје на 2 декември, каде ќе учествуваат над 90 компании кои ќе понудат работни места, а ќе присуствуваат и технички училишта и факултети кои ќе ги понудат своите студиски програми за младите.

Поповски изрази надеж дека наредниот период компаниите ќе се приклучат кон мерките кои ги нуди АВРМ за помош на стопанствотото, за дополнителни вработувања со грант за нововработени лица, кредити за самовработување, обука кај познат работодавач, практиканство… Тука, како што рече, се и мерките кои се нудат за невработените, професионална ориентација, тестирања за избор на образование за поголем успех при вработување.

– Се надевам дека саемот во Куманово, како и ланскиот кога вработивме 135 лица ќе биде успешен. Од почетокот на саемите, од крајот на септември или почетокот на октовмри досега вработени се 205 лица, рече Поповски.

Додаде дека извршени се околу 500 интервјуа, а селектирани биле 1.000 професионални биографии.

– 205 лица досега склучиле договор за вработување, а околу 250 чекаат наредниот месец, до месец и половина, согласно изјавите на работодавачите со тоа што бројката ќе помине над 400 до крајот на годинава. Се надевам дека и оваа саемска манифестација и скопската ќе го дадат својот бенефит, не само со директно вработување, туку и во однос на тоа што е потребно младите да поседуваат за во иднина да бидат вработени, изјави Поповски.

Одговарајќи на новинарски прашања Поповски изјави дека работодавачите секогаш најмногу се заинтересирани за мерките кои нудат можност за обука на работникот, а потоа и да го вработат.

– Во последно време многу се заинтересирани за бенефитната мерка „Македонија вработува“ во која ги ослободуваме од придонеси во наредниот период. Досега неа ја искористиле 8.756 работници кои се вработени преку мерката, а над 4.000 компании се вклучени во оваа мерка, рече Поповски и додаде дека бројката секојдневно се зголемува.

Преку „Македонија вработува“ во Куманово, како што рече, од 27 април досега се вработени 456 лица, во Крива Паланка 126, во Кратово 22, зависи од степенот на развојот на економијата и побарувачката на овие мерки.

– Интерес има за другите мерки, како грант за самовработување, кредит за самовработување ,кредити за дополнителни вработувања, субвениции во делот на ранливите категории при што ги повика работодавачите кои се уште не се вклучени дека на располагање има можности за искористување на средства, рече Поповски.

Тој информира дека наредниот период со оперативниот план за 2016 година дополнително ќе помогнат стопанството да закрепне и на сите оние кои имаат идеја за бизнис да им помогнат да отворат свој бизнис.

Што се однесува до „Веибо Груп“ во Ранковце, директорт Поповски изјави дека во Крива Паланка се шират и оти бројката достигнала над 800, а планот е до февруари да стигнат до 1000.

Раководителот на Центарот за вработување Куманово Милорад Тренчевски изјави дека очекува успешен саем и додаде оти учествуваат компании од различни дејности, кои нудат различни профили за вработување.

Дел од компаниите кои нудат работни места изјавија дека на пазарот на трудот недостигаат квалификувани работници. Јелена Ѓорѓевиќ од „ДС Искра-Стил Констракшн“ изјави, дека во овој период потребни им се заварувачи со искуство и бравари со и без работно искуство. Кристина Јакимова од „Веибо Гармент“ под „Веибо Груп“-Крива Паланка потенцира дека во моментов бараат работници во производство во текстилната индустрија со и без работно искуство.Таа истакна дека организираат и обука во рамки на компанијата.

Виктор Дојчиновски од „Ван Хол“ Македонија изјави дека компанијата постојано има потреба од нови вработувања, претежно од техничката струка. Тој ја поздрави иницијативата на АВРМ во насока на поддржување на регионални саеми за вработување бидејќи, како што рече, преставува можност за непосреден контакт на невработените со компаниите кои имаат можност да разговараат за сегашни и идни вработувања.

Во рамки на саемот се одржуваат и бизнис форум за работодавачи и инфо средба со млади невработени лица.