Саем за вработување во Охрид

Во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија, денеска во Спортскиот центар „Билјанини Извори“ во Охрид за прв пат ќе се организира Саем за вработување, активност замислена како можност за директно поврзување на работодавачите и лицата кои бараат работа.

Саемот во Охрид е предвидено да опфати работодавачи од приватниот сектор, невработени лица, ученици и студенти од Охрид, Струга, Кичево и Македонски Брод, а свои презентации да имаат и владини институции како и организации од невладиниот сектор.

Според организаторот на саемот, работодавачите ќе имаат можност да ја презентираат својата дејност, условите за работа и за вработување, потребите од работна сила и своите развојни планови. За таа цел на располагање ќе имаат бесплатни штандови, каде ќе можат да ги постават своите рекламни материјали. Исто така, ќе имаат можност и да остварат директен контакт со заинтересираните посетители, кои ќе можат да остават свое CV, да дискутираат за прашања од нивен интерес и слично.

Во рамки на заемот како посебна активност се предвидени и форуми со работодавачи, на кој ќе бидат презентирани услугите и можностите за вклучување во активностите на Агенцијата за вработување, а работодавачите ќе можат да поставуваат прашања, но и да даваат свои предлози, низ интерактивно учество во дискусии кои се однесуваат на пазарот на трудот и вработувањето во државата.