Македонија

Саемите на АВРМ обезбедија 160 нови вработувања

Саемите на АВРМ обезбедија 160 нови вработувања

Околу 160 вработувања до денеска се обезбедени од страната на Саемите за вработување кои изминативе 45 дена ги организира Агенцијата за вработување (АВРМ) со владините институции, соопшти денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Следниот саем ќе се одржи во Струмица на 25-ти овој месец, најави Ѓорѓиев.

„Саемите за вработување се организираат со цел двете страни, компаниите и невработените, да можат во исто време да се најдат на исто место. Следниот саем ќе се одржи во Струмица во Домот на културата од 11 до 14 часот, во вторник на 25 ноември. Засега 50 комапнии од Струмица и струмичко го потврдија своето присуство. Апелирам до останатите компании од овој регион кои имаат потреба од работна сила да аплицираат во АВРМ и да присуствуваат на саемот со што ќе ја зголемат понудата на слободни работни места“, изјави Ѓорѓиев.

Тој додаде дека секој Саем содржи три битни компоненти. Првата е што Саемите овозможуваат организирана средба на компаниите кои нудат работа и невработените лица кои бараат работа. Втората компонента е организирањето на Форумот со работодавачи на кој се презентираат активните мерки за вработување кои ќе почнат да се применуваат од 2015 година, како и на кој компаниите ќе можат да дадат свои предлози и идеи за намалување на невработеноста. Третата компонента е организацијата на мотивациски обуки во кои ќе се раскажат и неколку успешни приказни на луѓе кои својата идеја ја реализирале во профитабилен бизнис.

АВРМ досега има организирано Саеми за вработување во Скопје, Неготино, Свети Николе, Штип и Охрид. На 25-ти ноември ќе се одржи во Струмица, а потоа е предвидено следниот да биде во Битола.