Саемските манифестации можност за деловни контакти меѓу членките

Вицепремиерот Владимир Пешевски оствари средба со делегација составена од високи претставници на Централно – Европската Саемска Алијанса, CEFA предводена од Претседавачот на Виенскиот саем, Матијас Лимбек.

На средбата се дискутираше за можностите кои произлегуваат од соработката со оваа мрежа на организатори на саемски манифестации, за воспоставување на интензивни деловни контакти помеѓу членките.

Овој вид на интернационални претставувања ќе придонесат за подобрување на економската соработка со нашата земја, зголемување на трговската размена и отворање на нови пазари за домашните компании.

Вицепремиерот Пешевски ја потенцираше поддршката која Владата ја дава за континуираната работа и посветеност за вмрежување со саемските организации од светот, нагласувајќи ја важноста на ваквата успешна соработка за нашата земја при изнаоѓањето на нови решенија, можности и потенцијали, за промоција и достојно претставување на Република Македонија на глобално ниво.

Тој посочи дека успешната соработка на Скопскиот саем со останатите саемски организации претставува голем бенефит за македонските компании, овозможувајќи поволни услови за организирано претставување на компаниите на саемите во организација на членките на CEFA.

Генералното собрание на CEFA се одржа денес, во Конгресниот центар на Скопскиот саем, во организација на ERA GROUP, каде присуствуваа 14 високи претставници од саемските организации од Централна и Југоисточна Европа како што се саемските куќи од Германија, Австрија, Италија, Бугарија, Грција, Србија, Албанија и други.