Сагадин: Во МЗТ Скопје не се размислува на долгорочен план

Иако МЗТ Скопје годинава има видно намален буџет, сепак од Змаго Сагадин се очекуваше да изгради еден нов, подмладен, победнички тим. Но работите не тргнаа во посакуваната насока. Управата на клубот и Сагадин се договорија за предвремен раскин на договорот, и тоа без никаква оштета, што секако е по заслуга на Словенецот кој се откажа од било каков финансиски надоместок.

По неколкудневна пауза од коментари, а во врска со раскинувањето на договорот, Сагадин конечно се реши да проговори за случувањата во клубот. Тој во интервју за порталот “kosarka.si” објасни какви биле неколкуте месеци работа во Скопје.

„За само еден до два месеци се најдовме во ситуација управата на клубот да бара од мене да победувам на секој натпревар, што едноставно не беше возможно. Јас од првиот ден им дадов до знаење дека ќе требаат пет до шест месеци за од тимот што го имам на располагање да направам сериозна екипа. Тоа не ми беше овозможено, па кога дојде до состанокот со управата на клубот по поразот со Фени индустри, без размислување прифатив да заминам. Според мене, за моето здравје беше најдобро да заминам од Скопје“ – изјави Сагадин.

Сагадин не пропушти да каже и како функционираат работите во македонскиот шампион.

„Се води еден човек, градоначалник на еден дел од Скопје, Општина Аеродром. Тој има 35 години, фан е на клубот, има три години искуство во кошарката и за жал сам ги влече сите потези. Се обидов да му објаснам дека треба да почне да размислува долгорочно, не да менува по два тренери и по осум играчи секое лето, туку да се создаде континуитет со млади и талентирани домашни кошаркари. За жал, сите квалитетни домашни млади играчи многу рано заминуваат во странство, еден или двајца во Шпанија, двајца во Турција, по еден во Грција и во Бугарија. Идејата беше тој тренд да се смени, младите таленти во иднина да доаѓаат во МЗТ, но за такво нешто да се реализира потребно е пред се големо трпение. Кога раководството почна да размислува за смена, сфатив дека е подобро да си заминам отколку да се мачам уште една или две години“ – истакна Сагадин во интервјуто за словенечкиот портал “kosarka.si”.

Инаку во меѓувреме, МЗТ Скопје назначи нов тренер, а тоа е легендата на македонската кошарка, Врбица Стефанов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.