Салах не му беше доволен на Египет да го избегне поразот од Русија

Во дуелот на второто коло од Групата А, фудбалерите на домаќинот на Светското првенство – Русија ја забележаа втората мундијалска победа и практично си обезбедија осминафинале откако во вторникот во Санкт Петербург го совладаа со 3:1 (0:0) Египет за кој од првата минута настапи голгетерот на англискиот шампионат Мохамед Салах.

Русија по динамичното прво полувреме без голови ја обезбедија победата постигнувајќи три гола во интервал од само 15 минути во второто, стасувајќи до 6 бодови и гол разлика 8:1, па само неверојатни исходи од преостанатите дуели во групата може да ги елиминира од првите две места кои водат натаму. Во среда во оваа група играат Уругвај и Саудиска Арабија којашто Русите со 5.0 ја совладаа во премиерниот меч на првенството.

Охрабрени од високата победа во првото коло, Русите го започнаа дуелот со Египет кој имаше голема важност и за двете селекции со силен притисок и веќе во 6 минута двапати се заканија по противничкиот гол. Прво со глава се обиде стоперот Ингашевич, чиј удар го одбрани голманот ел-Шенави, а потоа Головин шутираше од 18 метри но непрецизно. Околу 20 минута Египќаните воспоставија теренска рамнотежа, а првпат на рускиот гол му се закани во 16 минута Трезеге кој шутираше крај голот. Дури во 42 минута се закани напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах, кои поради повредата во финалето од Лигата на шампионите паузираше досега и го пропушти првиот дуел со Уругвај (0:1), откако ја прими топката во рускиот шеснаесетник, но слабо ја исконтролира па се обиде се удар од свртување кој отиде крај голот.

Вториот дел Русија повторно го започна силно, очигледно решена уште вечерва да си осигури осминафинале, но поведе во 47 минута од акција која на прв поглед не ветуваше многу. Зобнин од 20 метри шутираше слабо и топката се движеше кон средината на голот каде што ја очекуваше Арте Дзјуба, но египетскиот капитен бекот Ахмед Фати катастрофално реагираше и ја спроведе топката во сопствената мрежа. По примениот гол египетските играчи чија примарна цел очигледно беше да останат непоразени или да изненадат од противнапад сметајќи на сигурни три бода во последното коло против Саудиска Арабија, посилно нападнаа кон рускиот гол и во 56 минута Салах имаше добра можност, но неговиот шут бекот Фернандез го изби во корнер. Набрзо Русите ја искористија разредената одбрана на гостите, па во 59 минута Денис Чернишев убавата акција ја круниса со својот трет гол на првенството. Во 62 минута стоперот Кутепов од својата половина на игралиштето упати долга топка директно во противничкиот шеснаесетника каде што со одличен прием ја спушти центарфорот Дзјуба и потоа со минијатура исфрли тројца одбранбени играчи на Египет и прецизно пласираше крај стативата за 3:0. До крајот на мечот настојувањата на Египет да се врати во игра резултираа само со реализиран пенал од Мохамед Салах во 73 минута кога бепше соборен во домашниот казнен простор. До крајот на мечот и двете селекции создадоа по уште два сериозни прилики, но далеку од тоа да бидат ткн стопроцентни.