Салех Абдеслам одбил да се разнесе со бомба за да немало уште повеќе жртви, тврди брат му

Преживеаниот терорист од нападите во Париз, Салех Абдеслам одлучил да не се разнесе со бомбата, како што тоа го прават бомбашите-самоубијци, за да „се спаселе човечки животи“, тврди неговиот брат.

Мохамед Абдеслам зборувал за ова на една француска телевизиска станица, откако претходно го посетил уапсениот брат Салех, кој се наоѓа во затвор во белгискиот град Бриж, во очекување да биде екстрадиран во Франција.

Според Мохамед Абдеслам, брат му признал дека доколку активирал бомба за да се самоубие, ќе имало „уште повеќе жртви“.

Во серија терористички напади, извршени на 13 ноември во Париз, во една концертна сала, на стадион, во ресторани и барови, огнено оружје и во бомбашки напади, беа убиени 130 лица, а други неколку стотина беа повредени.

Минатиот месец, Салех Абдеслам беше уапсен во Брисел, четири дена пред терористичките напади во белгискиот главен град, во кои беа убиени 32 лица.

Белгиските безбедносни служби веруваат дека бриселските терористички напади, се дело на истата милитантна исламистичка група која е одговорна и за нападите во францускиот главен град, пренесува МИА.

Салех е роден во Брисел во 1989 година, но е француски државјанин.

После терористичките напади во Париз се криеше повеќе од четири месеци во белгискиот главен град и беше најден и уапсен во широка полициска рација, во близина на неговиот дом.

На средбата со својот брат, во затворот во Бриж, Салех рекол дека сака да соработува со француските власти, затоа што „бил одговорен“ кон Французите, но дека нема ништо со нападите во Брисел.

Двајцата браќа уште како многу млади им биле познати на белгиските власти, како шверцери и разнесувачи на дрога.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.