Самакоси и Рамизи претприемачи на годината

Наградите за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Македонија, беа доделени синоќе.Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Томе Тасевски, менаџер на стоматолошката поликлиника Ендомак, Скопје, а втората на Горан Јошевски, менаџер на туристичката агенција ЈК Травел.

Првата награда во категоријата микро претпријатија му е доделена на Ислам Рамизи, ко-сопственик на градежната компанија Монтеко, а втората на Благоја Самакоски, сопственик на Институтот за современи композити и роботика од Прилеп.

Во двете категории, прво наградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 50.000 денари, а второ наградените добија сребрени статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 25.000 денари.

Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2013“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на РМ. Имено, 79 микро и мало претпријатие, во периодот од 2010 до 2012 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции.

Главни организатори на Претприемач на годината 2013 се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија која оваа година слави 15 години од своето основање, и Стопанската комора на северозападна Македонија. Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Покровител и организатор е Министерството за економија на Република Македонија.

Наградата Претприемач на годината, се доделува седми пат, а целта е да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери.