Балкан

Самарас: Грција годинава ќе застане на нозе

Самарас: Грција годинава ќе застане на нозе

Грчкиот премиер Андонис Самарас денеска нагласи дека државата за првпат по осум години, ќе оствари позитивен економски раст во третиот квартал од оваа година, објави МИА.

– Во рок од неколку години, извршивме реформи повеќе отколку во претходните неколку децении. Оваа година Грција повторно ќе застане на нозе. Повеќе не гледаме во минатото туку во иднината, нагласи Самарас на отворањето на Меѓународниот саем во Солун кога грчките лидери традиционално говорат за економската политика за следната година.

Во годишниот говор за економската состојба, тој претстави „мапа на патот“ за следниот период, служејќи се со „вистината како единствено оружје“.

По повеќе од четири години строго штедење, тој го поздрави „успехот без преседан“ во извлекувањето на тешко задолжената држава од финансиската криза и рече дека Грција во следните месеци ќе добие и официјална потврда дека нејзиниот јавен долг е одржив.