Балкан

Самарас ја повика Сириза на координација на национално ниво

Самарас ја повика Сириза на координација на национално ниво

Грчкиот премиер Андонис Самарас во текст во весникот „Етнос“ предупреди дека неуспехот да се избере претседател на почетокот на следната година би можел да доведе до подолг период без Влада, јавува МИА.

– Тие (Сириза), не треба да ја вовлечат земјата во предвремени избори поради претседателските избори, што ќе доведе до нестабилност, сега кога сме блиску до конечно излегување од кризата, вели Самарас.

Според него, ако Сириза сака да се координира и заедно со Владата да разгледаат како може да изберат претседател заедно, тогаш координација на национално ниво е изводлива.

Повикот на Самарас е разбирлив, со оглед на тоа што грчката Влада се соочува со голема политичка криза. Плановите Атина да излезе од договорот за непопуларната финансиска помош на ЕУ и ММФ до крајот на оваа година се во опасност, а грчката Влада се бори да ја заврши последната ревизија која е поврзана со финансиската помош.

– Политичкиот договор за ерата на постфинансиската помош мора дефинитивно да биде склучен во декември. Ние трескавично работиме за тоа, напиша Самарас и вети дека Грција ќе остане на патот на реформите.

Во меѓувреме, во интервју за „Катимерини“, гувернерот на грчката централна банка Јанис Стурнарас изјави дека Атина и нејзините меѓународни кредитори мора да покажат флексибилност за да се постигне договор „веднаш“.

– Во интерес и на грчката страна и на „тројката“ е да се постигне компромис веднаш, рече Стурнарас, кој е поранешен министер за финансии, додавајќи дека Грција треба да добие дополнително отпишување на долгот како „награда“, по долгото и болно фискално прилагодување.