Самарас ја прескокна Македонија кога зборуваше за проширувањето на ЕУ пред европратениците

Грчкиот премиер Андонис Самарас обраќајќи се пред Европскиот парламент во Стразбур, каде ги изложи приоритетите на грчкото претседателство со Европската Унија, зборуваше и за проширувањето на Унијата, но тој избегна да ја спомне Република Македонија најстариот кандидат за членство од земјите од Западен Балкан, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

 

Од 32-минутниот говор на Самарас на проширувањето му беше посветена само една минута. Пред европратениците, грчкиот премиер нагласи дека Грција одсекогаш го поддржува проширувањето на ЕУ.

 

„Грција покажа дека го поддржува проширувањето во минатото, посебно за земјите од Западен Балкан. Тоа што не интересира е да бидеме практични и ефикасни. Патот за зачленување на овие земји во ЕУ зеде нова динамика во последните две години, благодарејќи на членството на Хрватска, почетокот на преговорите со Црна Гора и доделувањeто статус земја кандидат на Србија“, рече Самарас.

Притоа тој избегна да наведе дека Република Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година и пет години по ред добива препорака за преговори од ЕП и Европската комисија. Според грчкиот премиер „добро е што проширувањето продолжува и понатаму во моментот кој е транзициски за ЕУ“.

„Грчкото претседателство ќе направи се’ за да го промовира процесот на проширувањето за секоја од овие земји во функција на нивните постигнувања и специфичности. Треба да се потсети дека основните принципи и механизмите на агендата од Солун продолжува да ги одредува смерниците на регионот кон европската интеграција“, нагласи Самарас пред европратениците во Стразбур.

Во говорите и дискусијата, која следуваше, само претседателот на Европската комисија се осврна на проширувањето во контекстот на одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна, која започна на Балканот и тежнеењето на балканските земји да и се приклучат на ЕУ.