Балкан

Самарас: Кипар е национално прашање за Грција

Самарас: Кипар е национално прашање за Грција

Грција ќе продолжи да ги поддржува напорите и постапката за решавање на проблемот за Кипар. Тоа го изјави грчкиот премиер Андонис Самарас, по средбата во Атина со кипарскиот претседател Никос Анастасиадис, пренесе агенцијата АНА-МПА.

„Проблемот на Кипар е фундаментално, национално прашање на надворешната политика на Грција“, истакна Самарас, додавајќи дека Грција ќе продолжи да ја поддржува Република Кипар во вршењето на нејзините суверени права во границите на исклучителната економска зона на острово , обвинувајќи ја Турција за неприфатливи и залудни тактики за ескалација на тензиите во регионот.

Грчкиот премиер посочи дека со кипарскиот претседател разговарале за решавање на проблемот со поделениот остров и можностите за рестартирање на кипарските преговори под покровителство на ОН.

Тој се заложи за изнаоѓање на праведно, спроведливо, функционално решение за кипарскиот проблем во рамките на еден неделив суверенитет, на едно меѓународно претставување и на едно државјанство, во согласност со европските норми.

„На масата за преговори ќе седнат кипарските Грци и кипарските Турци“, посочи уште Самарас, откако укажа дека грчката страна нема да прифати проекти од типот на оној предложен во 2004 година, од поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан, отфрлен преку референдум од кипарските Грци.

„Во секој случај, сепак што и да е решение за кипарскиот проблем треба да биде подложено на два истовремени референдуми, со учество на двете заедници“, истакна премиерот.

Самарас рече дека во разговорите кипарскиот претседател истакнал дека основниот услов за обновување на преговорите е двете страни во Кипар да постигнат договор за изработка на заедничка декларација, која може да послужи како основа за овие преговори со заедницата на кипарските Турци.

Кипарскиот претседател пак истакнал дека е можно наскоро двете заедници на островот да договорат таква заедничка декларација и изрази убеденост дека соработката со Грција ќе создаде можности за постигнување на национален консензус за ова прашање.

„Универзалната декларација не е решение, туку ги поставува неговите основи“, рекол Никос Анастасиадис.